„Сѐ е во знакот на танцот, на диското, на 1970-тите! Живеев во тоа време и се сеќавам и на моите родители тогаш. Мислам дека многу „земав“ од таа декада, благодарение токму на нив“, вака Ели Сааб ја најави новата колекција за пролет-лето 2017, што ја прикажа на париската модна недела во саботата.

Околу 600 клиенти беа во првите редови на ревијата, што според првите впечатоци ги освои нивните симпатии. Манекенките чекореа во ритамот на новата песна на The Weeknd – Starboy.

Сааб одлучи ѕвездата да биде симболот на „неговото“ диско, па доминираше како принт. Дел од фустаните беа во живописни бои, со таква комбинација што потсетува на поп-ап културата. Ова шоу беше негова верзија на „Студио 54“.

Другите пак, беа во комбинација со тантела, транспарентни материјали и многу светки! Особено ни се допаднаа и комбинациите со кожа.

Секако, либанскиот дизајнер не ги заборави ниту фустаните што ја истакнуваат силуетата, како ниту оние лелеавите што жените ги обожуваат!

Сааб ја раскажа својата приказна во изобилство на сјај, пердуви, реси, текстури, карнери, интензивни бои наспроти црната, што повторно остави впечаток на оние што ја сакаат неговата естетика. За севкупниот впечаток придонесуваат и модните додатоци - чевлите со платформа, светкавите капчиња, исто таквите очила за сонце, и секако ремените без кои не поминува ниту една негова колекција.

Со секоја ready-to-wear колекција тој се обидува да отстапи од она што го прикажува во ревиите за Висока мода, но сепак успева да ги задоволи потребите и вкусовите на своите клиенти. А токму тоа го прави и еден од најбараните!

Објавено:
3 октомври 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
423 пати