Доколку ги следите најновите креативни модни дела што излегуваат од продуктивните умови на модните дизајнери, тогаш сигурно знаете дека периодов во тек е „ослободувањето“ на најновите ресорт или патувачки колекции за следната 2015 година. Најсвежите колекции кои веруваме дека ќе ви се допаднат се од канадското близначко дуо Дин и Ден Катен кои се претставуваат под популарната етитекта Дискверд2, додека другата е на шкотскиот дизајнер кој работи во Лондон, Кристофер Кејн. Браќата Катен водени според чувството и сигурноста за тоа што им се допаѓа на жените, од својата најнова ресорт колекција генерално претставуваат класични женски силуети, како за дневен така и за вечерен изглед. Дека есенските трендови за оваа година ќе бидат застапени и во наредната, доказ се кожените парчиња од колекција на Дискверд, како и широките панталони со макси ногавици кои ќе ги забележите најмногу.
Преку својата „патувачка“ модна визија Дин и Ден всушност ни укажуваат дека токму ваквите панталони ќе станат универзалното обожавано парче. Освен монохроматските изгледи, колекцијата е сочинета и од живи и впечатливи бои од спектарот на виножитото. Дискверд2 се познати и по масивниот накит, па така и овој пат аутфитите се комбинирани со парчиња во силни бои.
За разлика од Дискверд, дизајнерот Кристофер Кејн се водеше по една сосема поинаква патека во создавањето на неговата најнова ресорт колекција, која е инспирирана од креациите кои тој во 2006 година ги претстави како свое дипломско завршно дело. Во најголем дел од изгледите се забележува влијанието од 60-тите како и спојот на спортската елеганција, но во една психоделична фаза.
Прекршени форми, асиметрични пресеци, спој на две бои од животински принтови, употреба на неон розова во комбинација со црна, како и изобилство на тентела. Не се исклучени ниту цветните апликации кои во неколку наврати играат улога на копчиња, ги красат ракавите и асиметричните пресеци кај рамената.
Од обемната галерија инспирирајте се да применете дел од идеите на Кејн и Катен.