Нежниот ветер како зачин на топлото попладне изминатиов петок го направи италијанскиот остров Капри место каде се случи најубавото модно шоу сезонава!
Токму таму, обвиени во раскош и неверојатен луксуз, гостите уживаа во ревијата на омилените Италијанци Долче и Габана и нивната Алта Мода колекција.
Сите поканети на островот пристигнаа со шармантни бродчиња украсени со свежи лимони и најубавите зелени ливчиња од нивната омилена, романтична Италија.
Она што беше неверојатно магично и апсолутно за восхит, беше шармантната сценографија што дуото ја имаше подготвено за нивната презентација на колекцијата.
Некои од гостите седеа на интересно распоредени колоритни столчиња низ островот, а некои пак, уживаа во магијата на омилениот италијански бренд од удобни лежалки во бело – сини пруги какви што впрочем и креации можевме да видиме на „пистата“.
Во текот на целата ревија, келнерите облечени во маички со црно – бели пруги служеа розов шампањ за гостите, додека белите галеби го надлетуваа островот и создаваа уште помагична атмосфера.
Со затскривањето на сонцето на топлиот остров, звуците на магичните Павароти и Бочели ги дочекаа и последните гости, од кои повеќето боси, украсени со креациите на Долче и Габана, на кои се чекаше за светот конечно да ја види последната уметност од дуото.
„На Капри, жената не живее за сезоната“, напишаа Стефано и Доменико во малата книга со која ги дочекаа своите гости на ревијата, која беше исполнета со фотографии од островот и легендарните жени кои низ историјата се заљубиле во него како Џеки Кенеди, Мариа Калас, Елизабет Тејлор и Ингрид Бергман. „Тие го живеат животот, љубовта и страста“, ја завршуваат книгата одличните Долче и Габана.
Како што и се очекуваше, низ карпестиот остров прошетаа најубавите манекенки на денешницата кои ја имаа честа да ги носат раскошните креации на дизајнерите. Иако во одредени делови, тие потсетуваа на нивните досегашни цветни, раскошни и луксузни креации, имаше и многу ново што да се види.
Дефинитивно, најголем впечаток оставија волуменозните здолништа во сини, жолти, црвени и зелени риги во комбинација со луксузни горни делови со совршени цвеќиња и различни украси што одлично се вклопија во целата комбинација.
Остатокот од колекцијата го надополнија шик куси панталони во комбинација со раскошни горни делови на долги ракави богати со колорит, но и кратки горни делови со уште пократки припиени панталончиња во комбинација со луксузни бунди.
Рај за очите беа и останатите волуменозни колоритни фустани со магични апликации од најубавите цветови на светот, но и такви со одлични принтови во стилот на Долче и Габана.
Во однос на модните додатоци, италијанското дуо прикажа одличен тренд со шармантни, свилени марами на главата во џипси стил, повторно луксузни круни украсени со колоритни камчиња, раскошен накит, свежи цветови во косата, но и волуменозни обетки препознатливи за нив.
Во колекцијата имаше и одлични здолништа скроени во А линија во комбинација со куси, богати горни делови, но и прекрасни фустани од тантела во неколку бои и како и секогаш, добро познатите секси тесни фустани во црна боја како обележје со кое брендот ги почна модните авантури во 80 – тите години.
Магичното шоу заврши со последната креација, кога сите девојки формираа вистински бран од убавина на високите карпи на Капри, додека сонцето целосно се скри, а брановите ја правеа најубавата музика на светот откако стивнаа Бочели и Павароти.
Ваквата глетка беше дефинитивно рај за сите љубители на модата, особено на онаа најубавата, произведена од ултра креативното дуо.
Но, рајската забава не заврши тука! По крајот на модното шоу, сите оние што ја имаа честа да уживаат во модната презентација на Долче и Габана Алта Мода за есен, зима 2014 – 2015 година, можеа да уживаат во најубавите италијански јадења послужени на островот како рустичните аранжмани од најубавото овошје и зеленчук од земјата, шпагети со сос од домати, различни пијалоци и слично, а сето тоа послужено со звуците на најубавите италијански серенади.
Во продолжение, погледнете дел од атмосферата на Капри, како и дел од креациите и гостите што имаа можност да присуствуваат на ова луксузно, модно задоволство.