Прекрасната и единствена Софија Лорен беше жената која ги разубави улиците на Неапол седејќи во првиот ред на прикажувањето на новата колекција на ултимативните Долче и Габана.

Иако дизајнерите прикажаа помалку слична колекција на сите останати целосно во духот на нивната Италија, некако не можете, а да не го сакате она што тие го прават.

„Ова е моето место, мојата земја. Понекогаш, не се работи само за облеката“, изјави Доменико Долче пред почетокот на шоуто.

Колекцијата е целосно инспирирана од Софија Лорен, од Неапол и целата традиција што ја има тоа место.

„Таа порасна недалеку од тука и сними многу филмови на ова место. Неапол и денеска е многу сиромашен од една страна, но со неверојатна барокна архитектура и шпанско влијание кај истата. Луѓето тука прават неверојатни рачни изработки кои може да ги најдете низ продавниците и каде и да влезете, ќе најдете нешто различно. Тоа е она кон што јас и Стефано целиме. Нешто автентично“, додаде дизајнерот.

Така и беше. На пистата можевме да ги видиме фантастичните рачни изработки на тимот на модната куќа, неверојатните детали аплицирани на раскошните дамски фустани, нежните кошули, тантелните блузички, џинсот...

Оваа ревија се чини доминираа ретро фустаните на тенки прерамки и волуменозни од половината надолу, кои двајцата дизајнери овој пат ги доведоа до совршенство со фантастичните цветни принтови.

Дамата Софија како кралица ја набљудуваше ревијата од удобна фотелја, шармирајќи ги сите со нејзината убавина и неверојатна грациозност со кои плени и на 81 година.

Сосема во италијански стил, речиси секое семејство од околните згради каде се одржуваше ревијата истата ја следеше со огромно воодушевување и „навиваше“ кога и да излезеше некој модел.

Долче и Габана направија вистински спектакл на улиците во Неапол. Како и секогаш, покрај со облеката, девојките блеснаа и со фантастичните модни додатоци меѓу кои и големи круни од цветови, сатенски панделки, волуменозни обетки и накит и што уште не.

Фантастичните Доменико и Стефано уште еднаш прикажаа вистинско шоу од низата Alta Moda низ улиците на нивната родна Италија за која секогаш имаат нешто уникатно да кажат. Се радуваме на нивната следна ревија!

Објавено:
11 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.254 пати