Долна облека за надвор: Resort колекција на Saint Laurent е модна поема на Вакарело

21 јануари 2021

Се’ што сакаме кај Saint Laurent е преточено во најновата Resort колекција на куќата. Висок струк, краток шорц, струкирани палта, кратки фустани. Креативниот директор Антони Вакарело, иако веќе неколку години е на водечката креативна фотеља на брендот, уште еднаш ја потврди својата вредност со оваа фантастична колекција.

Resort колекцијата на Saint Laurent беше претставена со lookbook од 54 фотографии во црно бела варијанта. 

Вакарело очигледно се држи до естетското правило во модата кое многумина последните 10-тина години го забораваат - Ако носите кратко долу, мора да се одлучите за долго горе, и обратно. Токму затоа, без разлика што неколку изгледи имаат килоти од тантела и свила долу, искомбинирани се со свилени кошули со машна на врзување околу вратот, па го немате оној страв од вулгарност. 

Освен килотите, во колекцијата може да се забележат и други делови од долната облека - градници од тантела, ноќници од свила, целосни корсети. Вакарело ги комбинира со јакни од кожа, крзнени бунди, палта и шорцеви па ги вметнува од спалната соба на улиците. Нагласува дека колекцијата ја креирал во периодот кога сиот свет бил под клуч и удобната домашна облека била негов двигател. 

Користи твид и плетка, светки и карнери, а понекаде заѕиркува и некој тигрест принт. Вакарело одлично ги комбинира текстурите, а тоа го докажува спојот на свила и пердуви, твид и џинс, кадифе и мониста. 

Женствената нишка која брендот се’ уште ја негува е имплементирана во парижанските полка точки, цветните принтови извадени од архивите на Yves Saint Laurent. Од облеката, до шминката и фризурата, додатоците, секое парче има совршено место, секој изглед е комплетно апликабилен, чист, јасно дефиниран, современ. Како што впрочем и би требало да биде. 

 
Објавено:
21 јануари 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
194 пати