Доминација на геометријата и познатиот сензибилитет на дизајнерите на четвртиот ден од FWSK #2

27 октомври 2014

После модните претставувања на Марина Миќановиќ, Le Brand, Стефанија Насеска и Никола Петровски во првиот дел, вториот дел од програмата беше резервиран за модната ревија на Оливера Штакоска, која пред публиката ја раскажа својата „Волнена приказна“, потоа следуваа настапите на младите дизајнерки Инес Шабан и Флутора Дедиња кои за прв пат се претставуваат пред македонската публика, а честа да ја затвори вечерта и беше доделена на веќе афирмираната модна дизајнерка Лидија Георгиева.

                                   Оливера Штакоска

Штакоска, своето деби во рамките на Модниот викенд Скопје го имаше минатата сезона и со својата бохо колекција која по сензибилитет потсетуваше на популатниот бренд Етро,  успеа да ги собере симпатиите на модната публика. Водена од свежиот колорит на силните бои и есенските нијанси, дизајнерката успеа да „сплете“ интересна приказна во која водечка улога повторно имаше боемскиот фазон и етно мотивите, создаден од текстури како:  волната, превртената кожа, кадифето и комбинацијата на различни материјали. Колекцијата се состоеше од пончo наметки, капути во А-крој со должина  над колена, декорирани со долги качулки во триаголна форма украсени со волнени топчиња на врвот.

Не изостанаа и предимензионираните фустани кои во долниот дел завршуваа со шармантен карнер, кратките елечиња и везениците на речиси сите модели кои презентираа форми на цветови, карирани принтови... Впечатливи беа и макси здолништата со висок струк, но и масивните шалови кои презентираа спој на повеќе бои, веселиот дезен на хулахопките и шарените ракавици. За да се постигне целина на естетскиот израз придонесоа и модните додатоци, чантите и чизмите украсени со везеници и реси. Целосната слика од колекцијата прикажа индивидуалност за смели девојки кои се сигурни во своите стилски потреби.

„Зимата како годишно време ми ја разбуди инспирацијата за да ја раскажам оваа „Волнена приказна, што впрочем е и наслов на колекцијата. Морам да напоменам дека околу 80 проценти од плетивата се мое дело, што е случај и со чантите и чевлите“, вели дизајнерката.

Инес Шабан

На четвртата вечер го проследивме и деби -настапот на младата Инес Шабан со колекција за актуелната сезона чија цел, како што самата посочи, e  да ги спои италијанскиот гламур и њујоршкиот уличен стил. Апликацијата на риги во црно-бел тон на моделите беше разбиена со јака црвена боја и лентите за коса во пепито дезен. Она што беше особено впечатливо е што девојките кои дефилираа по писта имаа специфична шминка што беше реткост вчеравечер.

„Мислам дека колекцијата беше успешна и дека им се допадна на присутните. Во истата ги вметнав моите омилени бои црната и белата, а од материјалите најмногу преовладуваа памукот и сатенот“, додава Шабан.

Младата дизајнерка најави и отворање на свое ателје кое според неа би бил одличен начин на промоција и интеракција со клиентите кои се заинтересирани за нејзините парчиња. Во нејзините модели можат да се пронајдат како помладите, така и повозрасните дами.

„Сметам дека комерцијалата сè уште е мошне актуелна кај нас и искрено се надевам дека допрва доаѓа времето на развој на модната индустрија кај нас, бидејќи имаме многу квалитетни дизајнери кои имаат што да понудат, а луѓето треба да сфатат дека за истите,  но и за поевтини пари можат да си најдат убави и квалитетни парчиња со дизајнерски потпис“, ни кажа дизајнерката која вели дека генерално е задоволна од организацијата на Модниот викенд Скопје, со мала забелешка кон временската рамка.

Флутура Дедиња

Свој деби настап на Модниот викенд Скопје, имаше и дизајнерката од Косово, Флутура Дедиња, која може да се пофали со неколку претходни презентации на модни викенди во Хрватска, Албанија и Косово. Нејзината колекција имаше футуристички призвук, претставуваше спој од елегантни парчиња надополнети со рок- елементи. Строгиот израз на кројот беше доловен низ призмата на геометриските форми и асиметричните облици на изгледите. Дел од стајлинзите беа театрални фустани што презентираа инвентивна игра на бројни набори и фалти. Впечатлива беше и изработката на шапки кои наликуваа на оние што ги носат членовите на кралските семејства.

„Кога ја добив поканата за учество на Модниот викенд во Скопје, посакав да дизајнирам нешто за моите клиенти, за нивниот стил и карактер. Сакам да го знам хороскопскиот знак на секој од моите купувачи и мислам дека на тој начин можам чуда да направам за нив. Сепак, направив мала колекција која е комплетен спој на класични, футурустички и ready-to-wear парчиња“, ни откри Дедиња.

Дизајнерката додава дека во нејзините креации ќе се пронајдат едноставни луѓе, а во однос на организацијата на Модниот викенд Скопје има само пофални зборови.

           Лидија Георгиева

Домашната дизајнерка Лидија Георгиева за крај на четвртата вечер на Моден викенд Скопје, не' однесе на патување низ далечните простори во времето на британските и француските колонии во Азија,  откривајќи ни ги боите на егзотичните зачини. Таа остана доследна на својот моден сензибилитет на кој за конкретното претставување му ја додаде инспирацијата од моделите актуелни во Кина и Индија во 1920-тите години. На предходното изадание на FWSK, ревијата на дизајнерката почна со танцот на балерина што возеше ролери, за и сега презентацијата започне со кратка танцова точка. Имено, дизајнерката пред неколку дена ја претстави оваа колекција и на „Первол“  модната недела во Србија, затоа  ја прашавме за компарација меѓу домашниот моден викенд и српскиот.

„Белградскиот моден викенд, сепак е една огромна машинерија која што постои многу одамна, така што морам да кажам дека не можеме да се споредуваме со нив, бидејќи пак од друга страна станува збор и за поголема земја и за многу повеќе дизајнери. Во публиката имаше преку 800 луѓе, сите од персоналот си ги знаеја местата и улогите и беа исклучително професионални. Се помина во најдобар ред, а особено ми беше драго што публиката беше воодушевена и имаше убави коментари и реакции“,  раскажа Георгиева.

колекција The Colonial spices (лево), колекција Пејсаж бр. 26 (десно) колекција The Colonial spices (лево), колекција Пејсаж бр. 26 (десно)

Она што го забележавме во однос на визуелните изгледи е и моментот дека маските за очи што дизајнерката прв пат ги презентираше на писта во нејзината колекција Пејсаж бр. 26 се истите кои ги носеа моделите и вчеравечер „освежени“ со монистра што вертикално паѓаа по лицата на манекенките. Дамскиот изглед,  дизајнерката го нагласи во вметнување на шапки,  кои беа комбинации од тантела и пердувести декорации. Не можеме да не ја забележиме и нотата на рокенрол и сексапил, својствена на печатот на брендот. Во таа насока, присуството на транспарентни материјали, тантела, кожа, мрежа ја комплетираа модната  приказна.

„Лежерни капути од мохер во нежни и меки материи, со суптилна рачна изработка и богат вез, се носат со свилени фустани од муслин, сатен и тантела, а линијата е нагласена со декоративни помпони и гајтани“, ги опишува парчињата дизајнерката.

Со оглед на нејзиното искуство, Георгиева посочува дека она што кон што треба сите да се насочиме е да се надоградуваме:

„Треба да учиме. Ни недостасува малку самокритика, секогаш може да се биде подобар, јас целам кон тоа да бидам секогаш подобра од претходниот пат, а камоли тие што почнуваат“, вели за крај Георгиева.

Објавено:
27 октомври 2014
Категорија: 
Колекции