Дел од претпоследната вечер на Модниот викенд Скопје, беше и секогаш забавната дизајнерка што обожува бои, Ирина Тошева.

Сосема во нејзин стил, во нејзината есен-зима 2015/2016 колекција таа прикажа колоритни ретро парчиња, овој пат, насликани со интересни урбани градби од уметникот Ване Костуранов.

„Главната инспирација е домот и неговата топлина низ призма на урбаниот живот. Зa прв пат соработувам со наш значаен уметник, со кој делиме слична естетика и шарена визија. Изработката на колекцијата е поддржана од Министерството за култура“, вели дизајнерката. 

Вистинско изненадување беше групата Нокаут, која направи одлична атмосфера за време на ревијата, со нивниот огромен хит „Сонувам Диско“ на кој се чини манекенките навистина се забавуваа.

Во колекцијата преовладуваа веселите бои и слатките кроеви, прикажани преку шармантни фустанчиња со карнери, со љубовни натписи и интересни исцртани згради и куќи. 

Покрај фустанчињата, дизајнерката во колекцијата смести и здолништа во А – крој со висок струк, но и тесни со карнери во долниот дел, прикачени со едноставни трегери, а комбинирани со маички со нејзин потпис. 

За материјалите и техниките што таа ги употребувала при изработка на колекцијата, ќе каже: 

„Весели бои, многу разиграни принтови и природни материјали. Младешки и кежуал кроеви. Моделите одлично ги надополнуваат накитот и часовниците од My:time, чевлите од Chantel и чорапите изработени специјално од La Dama“, додава Тошева. 

Колекцијата на дизајнерката беше надополнета и со топли плетенини, прикажани преку слатките џемпери со колоритни топчиња од волница, но и преку кусите бундички изработени од конец во неколку бои. 

Како што самата ќе каже, а и според она што можевме да видиме од колекцијата, истата е наменета за сите млади девојки, но и за сите оние кои така се чувствуваат. 

„По Модниот Викенд ќе биде објавен едиторијалот за колекцијата кој носи интересна приказна. Ќе има и повторно соработка со блог заедницата. Во меѓувреме, моделите ќе бидат достапни низ целиот свет на irinatosheva.com и Bastet Noir, а и изложени во моето ателје“, вели дизајнерката.

Објавено:
25 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
996 пати