Дуа Липа главно лице на ревијата на „Версаче“

25 септември 2021

Во рамки на актуелната модна недела во Милано, вчера своја ревија одржа и Донатела Версаче. Креациите за пролет-лето 2022 година беа во знакот на „искористување“ на креативноста која Џани претходно ја пласираше, а која одлично помина кај публиката.

Така на пример, сите се сеќаваме на фустанот со безопасни, а токму безопасните повторно беа ставени во контекст. Овој пат во помала верзија, поколоритни, но сепак со јасна асоцијација.

Потоа, марамите со многу боја и принт, кои се еден од заштитните знаци на брендот, исто така беа доминантни, а видовме и комбинации од џинс, како и диско-естетика.

Севкупниот впечаток е дека нема премногу новини, но сепак поради колоритноста, игривоста избегната е монотонијата и секоја од комбинациите го привлекува вниманието.

Но, она за што повеќе се зборува е појавувањето на Дуа Липа на писта. Таа е заштитно лице на брендот, а овој пат беше поканета да го отвори шоуто - во црн костим со спајалици и да го затвори - во диско креација од асиметрично здолниште и топ.

Покрај Липа, на пистата зачекорија и Џиџи Хадид, Ирина Шајк, а една креација носеше и ќерката ја Мадона, Лурдес.

Инаку, во модните кругови се шушка дека „Фенди“ и „Версаче“ имаат заедничка соработка, а креациите ќе ги прикажат в недела. Донатела Версаче и Ким Џонс заедно со Силвија Фенди ги споиле креативните сили во „Ферсаче“, како што е наводно називот на овој заеднички проект.

Со оглед на тоа дека Милано беше силно погодено од Ковид минатото лето, а и италијанската модна индустрија претрпе голем удар, со оваа нивна заедничка соработка, како пренесуваат светските медиуми, сакаат да пратат порака на италијанска солидарност меѓу две инаку конкурентски модни куќи, како и порака на новиот дух на заедништво кој ѝ е потребен на модната индустрија.

Објавено:
25 септември 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
5.352 пати