Џејн Фонда е заштитно лице на првата одржлива колекција на Гучи

17 јуни 2020

И луксузните брендови стануваат одржливи. Ова е една од интензивните промени како последица на кризата, лекции што веќе се спроведуваат во пракса.

Една од најетаблираните италијански модни куќи, Гучи, ја лансираше својата прва одржлива колекција под креативно водство на Алесандро Микеле.

Колекцијата комплетно е изработена од одржливи, рециклирани, органски, природни, биоразградливи материјали што целосно ја оправдуваат етикетата ЕКО, а која е еден од есенцијалните ултиматуми за прогрес на модната индустрија што нема да биде на штета на човештвото и околината.

Неслучајно, едно од заштитните лица на колекцијата „ Off The Grid" е актерката Џејн Фонда, позната како прогресивна и ангажирана активистка за заштита на еко-системот, во што се гледа големата симболика на оваа колекција со силна еколошка порака. Уште еден значаен сегмент е интернационалниот и мултидисциплинарен карактер на кампањата олицетворен преку моделите кои ѝ прават друштво на Фонда: јапонскиот музичар Miyavi, британскиот еко-активист David Mayer de Rothschild, американскиот рапер Lil Nas X и американската музичарка, пејачка и продуцентка King Princess.

Инаку, колекцијата ја сочинуваат сите базични парчиња облека надополнети со практични модни додатоци, во естетика која е блиска на современата улична мода, но со ретро шмек.

Фото: Гучи

Објавено:
17 јуни 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
226 пати
Тагови: 
Гучи Џејн Фонда