Евгенија Зафировска со нова „Pop up“ колекција

27 ноември 2015

„Pop up“ е насловот на новата колекција на младата дизајнерка Евгенија Зафировска.

-Во колекцијата комбинирам класичен и спортски изглед во црвена и црна боја. Широки, волуменозни силуети и нагласени рамници оставаат печат врз целата колекција. Исто така, доминираат остри и јасни линии, геометриски форми, вдлабнатини инспирирани од архитектурата и сенките од неа – објаснува Зафировска.

Pop Up - едиторијал со FashionDNA

Таа додава дека колекцијата е наменета за жени, кои се сестрани, силни и сензуални, но истовремено строги и мистериозни.

Новата колекција одлучи да ја промовира во рамки на новото издание на Balkan Art Fashion Event.

-Со оваа колекција по втор пат сум избрана да учествувам на BAFE, кој ќе се одржи кон крајот на декември и тоа по седми пат – вели Евгенија.

Евгенија беше дел од минатогодишното издние на BAFE

Домашната публика пак ќе има можност да ја види „Pop Up“ преку едиторијал, кој Зафировска одлучи да го направи со модните блогерки DNA.

-Едиторијалот за колекцијата е во соработка со FashionDNA и фотографот Александар Јакимовски. Професионалноста во работата придонесе за успешна реализација на проектот. Со девојките од FashionDNA и досега сме соработувале во неколку едиторијали и задоволна сум од начинот на кој тие ја пренесуваат инспирацијата на самите модели – објснува дизајнерката.

Со оглед на тоа дека образованието го заврши во Словенија, Евгенија е сè повеќе активна и на тамошната сцена.

На „Month of Design“ (Месец на дизајн) во Љубљана од 20 ноември до 20 декември се претставив со мојата дипломска колекција мултифункционалните изработки (капа-лампа).  Ова учество за мене значеше едно големо искуство, можност за размена на идеи со дизајнери од европските простори.  Исто така, бев дел до изложбата „150-годишнината од раѓањето на Макс Фабијани“, еден од најзначајните архитекти од Централна европа. Архитектурата како моја честа инспирација овој пат ја имплементирав на плакат, каде ги претставив модните додатоци што ги изработувам – изјави Евгенија.

Покрај учествата на различни настани, младата дизајнерка започна и со постдипломски студии повторно во Љубљана на „Naravoslovnotehniška fakulteta“.

Во продолжение погледнете го целиот едиторијал за „Pop Up“.

Објавено:
27 ноември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
658 пати