Фантастична колекција на Диор: И комфорот може да биде луксузен

30 септември 2020

Во својата визија за Диор, креативната директорка Марија Грација Кјури, смело создава една нова перцепција за луксузната француска модна куќа.

Новиот пејсаж на светот, вклучително и на модната индустрија во 2020 година, само ја засили таа потреба кај неа да го донесе брендот на ново ниво.

И со секоја наредна колекција успева во тоа, честопати вметнувајќи ги своите италијански корени во традицијата на францускиот бренд.

Со новата колекција презентирана вчера во рамките на Модната недела во Париз, во присуство на публика, ама сепак со рестрикции и по протокол, само го потврди тоа.

Овојпат, речиси неизбежно, останувањето дома во изолација со самите себе, беше основната рефлексија во естетката на новата пролет-лето 2021 линија.

Како што ќе изјави дизајнерката, нејзината креација е повеќе од облека, туку јазик, комуникација, потреба да се изразиме.

Тоа доведе до една нова, полежерна, ослободена силуета како луксуз ама во домашни услови.

Кроевите се лелеави, дефинирани со отмени материјали и текстури низ кои се проткајува помислата на стариот Рим и Медитеранот, преку деталите како ниските сандали, марамите на глава, па и накитот во слоеви.

Во друг сегмент пак, половината е нагласена со тенок ремен, врз палтата, сакоата, фустаните, ама повторно е изоставена строгата линија и силуета, со што континуитетот на опуштеност подолжува до самиот финиш на колекцијата.

Фото: Vogue/Alessandro Lucioni / Gorunway.com

Објавено:
30 септември 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
296 пати