Фантастично модно шоу на „Александар Меквин“ на покрив во Лондон

13 октомври 2021

Сара Бартон вчера во Лондон направи вистинско модно шоу, претставувајќи ги креациите од „Александар Меквин“ за сезона пролет-лето 2022 на не така вообичаен начин. Досега претставувањата беа најчесто за време на модната недела во Париз, но креативната директорка овој пат се одлучи да се врати дома и да направи самостојна ревија, со што доби комплетно внимание. 

 

А и заслужено, бидејќи направи нешто навистина прекрасно.

Се “качи“ на покрив на зграда во Источен Лондон, а многумина инспирацијата за тоа ја гледаат од фотографиите на Александар Меквин направени токму од покривот на неговото студио, од кој се гледа лондонскиот пејзаж. Дел од тие фотографии ќе бидат имплементирани и во принтовите.

Од друга страна, ознато е дека вечна инспирација на Бартон е флората и се' она што расте на Земјата, но овој пат видовме и слушнавме сосема нова перспектива.

„Преминавме од вода и кал на крајбрежјето на Темза на небото и сета величенственост која небото ја претставува. Ги набљудувавме временските приилики и го снимавме формирањето и боењето на облаците од изгрејсонце до зајдисонце, односно до темница, и така ја документиравме промената од ведро сино небо, до она турбилентното и помалку застрашувачко“, вели Сара за инспирацијата.

Но, тоа не е единствената водечка креативна сила.

„Ја обожавам идејата за тоа дека жената Меквин е ловец на бури. И ова не се однесува само на жените кои ја носат облеката, но и за убавината која со себе ја носат различните погледи, чувството на мистерија и возбуда, фактот дека никогаш не можеме да бидеме сигурни што следно ќе се случи. Да се откажете од контролата и да бидете во директен контакт со непредвидливото, значи да се биде дел од природата, да ја видиме, да ја почувствуваме во нејзиниот најинтензивен облик. Да се биде едно со светот кој е поголем и помоќен од нас“, објаснува Сара.

За „Александар Меквин“ се очекува да понуди нешто уметничко, модни ремек-дела, сепак овој пат под влијание на пандемијата, Бартон го менува малку погледот и прави облека која е функционална, удобна, нослива, па и покомерцијална. Вели, фокусот не бил на тоа како ќе изгледаат парчињата на писта, туку на обичната жена.

Сепак, присуството на Меквин беше видливо и присутно - преку кроевите и деталите. Мантили и капути со нагласени ракави, миди фустани со принт од облаци и чизми, миди здолништа се само дел од парчињата кои го привлекуваат вниманието.

Има доза на елеганција, но и смелост, а тоа се забележува и преку оделата, но и кристалите кои се ефектен моден додаток, а претставуваат капки дожд.

Од „Меквин“ се очекува и тул, па и овој пат беше присутен, како и кожата, а можеби изненадување беше и присуството на џинс. 

Се гледа дека Бартон мошне студиозно ја работела колекцијата - од идеја до реализација. Балонот или облакот во кој одбраната публика ја следеше ревијата со звуци на есенско невреме, создадоа атмосфера за парчињата кои продефилираа на пистата, а кои може да се каже дека се полн погодок, штом фокусот бил ставен на „обичната“ жена.

Комплетна и возбудлива модна приказна и Сара Бартон заслужи аплаузи за оваа одлично реализирана приказна, поразлична, а сепак доследна на британскиот бренд.

Во продолжени погледнете го шоуто:

 

Објавено:
13 октомври 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
468 пати