Од вчера, 23 февруари па се' до 28 февруари, Милано ќе чекори во нов моден ритам. На актуелната модна недела ќе бидат претставени колекциите за сезона есен-зима 22/23, а модното шоу го започна „Фенди“.

Ким Џонс претстави колекција која можеби е и најдобрата од него за овој бренд, досега. Видлива е неговата инспирација од минатиот труд на Карл Лагерфелд, но одлично пренесена во актуелното секојдневие.

За странските медиуми изјави дека се инспирирал од колекциите на споменатиот дизајнер за пролет-лето 1986 и есен-зима 2000 година и резултатот се парчиња за жената која живее тука и сега.

Бела Хадид ја отвори ревијата во пастелно розов фустан од шифон со карнери, кратка црвена јакна и долги зелени ракавици од кашмир. Одличен вовед со кој Џонс сака да каже дека ќе гледаме префинетост, софистициран израз и истакнување на женската нежност и сила. Миксот на ткаенини како микс на женската личност.

Од транспарентни парчиња, преку панталони и комбинезони, карирани здолништа со висок струк, кошули како корсети, па се' до парчиња изработени од твид - Џонс создал комбинации за секоја генерација жени.

Се надеваме дека оваа ревија на „Фенди“ која несомнено успеа да го задржи вниманието и на модната фела и на обичната публика е само во вовед за она што ќе следи во наредните пет дена. 

А со оглед на тоа дека учеството на модната недела го потврдија и „Прада“, „Версаче“, „Армани“, „Долче и Габана“, очекувања веќе постојат.

Во галеријата на почетокот од текстот погледнете ја целосно колекцијата на „Фенди“.

 

 

Објавено:
24 февруари 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.071 пати