Феноменалната колекција чанти на Ања Хајндмарч највпечатлива на финалето на LFW

17 септември 2014

Во вторникот се случи и големото финале на модната недела во Лондон и иако некако се очекуваше многу повеќе, дизајнерите како да потфрлија. На затворањето, не можевме да видиме некои од големите светски дизајнерски имиња, ниту пак добри колекции од оние кои се претставија. Најголем впечаток дефинитивно остави британската дизајнерка Ања Хајндмарч која пистата ја претвори во вистинска, колоритна забава која беше вистински празник за очи. Нејзините чанти дефинитивно беа најозборуваните на модното финале во Лондон, секако, во тотално позитивна смисла!

Осман

Миленикот на голем број холивудски диви, дизајнерот Осман Јусефзада , овојпат претстави посмирена варојанта на неговите секогаш одлични креации кои овојпат беа синоним за едноставни и чисти линии во одлични бои. На пистата тој прикажа креации во архитектонски форми, кои на уникатен начин беа „омекнати“ со совршените свилени материјали, украсени со реси и интересни кружни форми. Палетата на бои овојпат беше речиси пастелна со исклучоци како црната и потемно сината. За следната пролет тој предлага елегантни траспарентни кошули во комбинација со здолништа и ремени на половината, но и интересни фустани, сребрени кимона и особено впечатливи и уникатни чевли.

Симон Роша

Иако на претходната ревија на Симон Роша можевме да видиме моќни жени спремни да војуваат како главни хероини на пистата, овој пат младата дизајнерка очигледно беше во подобро, пролетно расположение. Иако фризурите кај моделите баш и не беа за ласкање, на пистата се појавија некои навистина женствени креации со вистински, уметнички дух. Дел од колекцијата на Роша беа претежно транспарентни и свилени фустани со рачно извезени цветни апликации, но и голем број транспарентни мантилчиња во одлични бои. Фустаните со едно голо рамо заземаа голем дел од колекцијата, а дефинитивно највпечатливи беа оние црвените, цветни фустани и мантилчиња со ремени на средината и интересни 3Д моменти. Особен впечаток оставија чевлите кај кои можеше да се види интересно поставено крзно во долниот дел, кое не изостануваше ниту од дел од креациите.

Мидам Кирчоф

Целата колекција на Едвард Мидам и Бенџамин Кирчоф беше јасен синоним за нивната непресушна иснпирација – Отфрлете сѐ! Анархичните креации, парчињата со влијание од сајбер панкот се движеа од луди до тотално луди модели. Дуото кое не ангажира слаби манекенки, туку секогаш, сосема реални луѓе од улицата, на пистата прикажа пелетени парчиња, кожени здолништа, транспарентни фустани во јаки бои, многу принт, бомбер јакни, но и моменти на тантела кај некои од креациите. Буквално сите парчиња од колекцијата беа како совршени за некоја тематска забава или за Ноќта на вештерките, но не и за потребите во секојдневниот живот. Но, едно е загарантирано – за каде и да ги одберете нивните парчиња, авантурите ви се загарантирани!

Ања Хајндмарч

Како и секогаш, најдоброто го оставаме за крај! И додека минатата сезона, чантите на Ања направија вистински бум и ги носеа буквално сите, истото дефинитивно ќе биде случај и следната пролет. За следната сезона, таа ги повикува сите нејзини обожаватели да носат чанти кои имаат своја уникатна приказна зад себе и секогаш имаат срце и душа. Инспирацијата овојпат таа ја пронашла кај училишните материјали, што беше и очигледно во делот со волуменозните 3Д моливи аплицирани на чантите. Покрај феноменалните модели на чанти што таа ги претстави во рамки на лондонската модна недела, приреди вистинско лудо и забавно шоу во кое уживаа нејзините 595 гости и кое иако беше прескапо и тотално лудо – сите го обожуваа!

Објавено:
17 септември 2014
Категорија: 
Колекции