Форми од 60-те со бои од 80-те: Како изгледа зимската колекција на „Сен Лоран“?

29 април 2021

Антони Вакарело вообичаено има колекции кои оставаат без здив. Оваа, и не е најсреќното решение на Вакарело, меѓутоа има добри и интересни поенти. 

Инспирацијата е црпена од архивите на куќата, па така материјалите и кроевите од машките колекции од 60-те се употребени и во оваа колекција. Тоа дава некаква зимска нишка приказната, па твидот е убаво инкорпориран во блејзери, здолништа, шорц. Можеби од самиот факт што станува збор за твид, блејзерите мнпгу потсетуваат на оние препознатливи парчиња од Шанел, а разликата лежи во должината. Но, тоа не пречи.

Пречат донекаде трикоата во светкави варијанти на виолетова, зелена црвена, кои се комплетно неупотребливи, а пречи и отстапувањето на Вакарело од правилото „горе долго, долу кратко и обратно“

Крзното е повторно вметнато како елемент, во ракавите, јаките, на капите и здолништата. 

Здолништата и панталоните се целосно скусени, па може да зборуваме за мини здолништа и шорц.

Она што е интересно и неочекувано во вообичаено црно-белите колекции на Вакарело (кои ги обожуваме) е колоритната палета. Позајмена од 80-те, ги бои парчињата во виолетова, зелена, црвена, жолта, тегет, што донекаде е за поздрав, имајќи на ум дека имавме тешка и депресивна зима. 

Чокери со детелина, крупни обетки со скапоцени камења, златни долги ланци во комбинација со кратки - накитот се враќа на голема врата.

Објавено:
29 април 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
154 пати