Вториот ден од шеснаесетото издание на Моден викенд Скопје помина во знакот на пет ревии со различен естетски сензибилитет.
А по што се издвојуваше секоја од нив посебно, читајте во продолжение:
„Метаморфозите“ на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека од ТМФ
За студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршкиот факултет, вчера беше посебна вечер. Бевме сведоци на третиот стадиум од нивната презентација насловена „Метаморфози“ и на тоа како нивните дизајни, а со тоа симболично и студентите, прераснуваат во зрели креативни „пеперутки“.
Со точна замисла и насоченост кон реализирањето на истата, студентите создадоа креации кои лесно можат да се имплементираат во секојдневниот стил на нивната генерација. Од нежни ткаенини, па сè до скај, видовме различни креативни интензитети. Не изостана и уметничкиот и факторот на изненадување, на спојување на неспојливото. Креациите од паунови пердуви, конструкцијата од мрежа, како и еден сосема нослив фустан во комбинација со јадливиот фил што е создаден во соработка со идните био-технолози, ни овозможија да видиме повеќе страни од овој креативен процес. Не стравуваа да употребат боја, понудија и актуелни и поавангардни парчиња.
За некого метармофозата значеше употреба на несекојдневни материјали, за некого наградба и постепено формирање на креацијата, но за секого од нив значеше и созревање и надминување на сопствените граници. И во тоа е нивната најголема метаморфоза, водена од креативниот процес, со која порачаа и дека се можеби една од најталентираните генерации на овој Институт, под водство на професорката Лидија Георгиева.
„Inside out“ на „Марсин“
Младата Марија Трајанова вчеравечер претстави една сексапилна и дозирано провокативна колекција.
-Главната инспирација доаѓа од внатрешните мисли на жената, која секогаш сака да изгледа како модна икона во својата замисла за самата себе, а јас се потрудив таа замисла да ја претворам во колекција. Така, природно дојде и името „inside out“, за да се извади на виделина малку провокативната страна на жената за своето најпривлечно издание – вели Трајанова.
Таа додаде дека креациите се лесно прилагодливи на секоја женска силутета и применливи во различни пригоди.
-Колекцијата е составена од елегантни долги тоалети и комбинезони, коктел фустани изработени од еластичен вискозен штоф, тул и француска тантела, воглавно во црна боја, а помалку е застапена и сивата. Креациите се наменти за малку посвечени пригоди каде што секоја жена има можност да ја извади своршената слика за себе , им се обраќам на сите девојки и жени што имаат таква скриена и совршена замисла за себе – објаснува дизајнерката.
„Bohemian rhapsody“ на Сара Реџиќ
Дизајнерката Сара Реџиќ своето прво претставување го имаше минатата сезона на Моден викенд Скопје, каде понуди женствени, пролетни креации, каде доминираше цветниот принт, што наидоа на големо одобрување кај публиката. Овој пат понуди креации за различни пригоди, од свечени до плетенини.
-Инспирацијата ја најдов во модерната жена и разновидноста на стилови во нашето опркужување преточени во модни парчиња што со леснотија се носат на разни пригоди. Колекцијата е есенско волшепство од бои, ткаенини и идеи, како разновидна слика на внатрешниот свет на секоја жена – вели дизајнерката.
Стајлинзите беа надополнети со масивни обетки и круни, а забележливо беше присуството и на везени апликации и принтови, што многумина ги потсети на естетиката на „Долче и Габана“.
„Love the spark“ на „Minna Fashion“
Во рамки на втората вечер на Модниот викенд Скопје, се претстави и брендот од Косово, „Minna Fashion“. На пистата видовме 20 уникатни креации со свечен тон. Волуменозни здолништа, богати ткаенини од тантела до брокат, како и ткаенините со сјај придонесоа за впечатлив и гламурозен изглед на креациите за кои од брендот ќе кажат дека се во „романски стил“.
Кога се боите во прашање, тоновите се движеа од пастелно розова, преку златни крем нијанси, до темносини и црни. Последната креација беше во изразено црвена боја, со корсет и волуменозно здолниште со карнери, со што „Minna Fashion“ внесе малку дух и од некои други историски епохи пренесени во денешницата.
„Concept 2020“ на „Drama Studio“
Дизајнерката Ивана Кнез и нејзиниот тим на публиката ѝ овозможија една мулимедијална презентација. „Што е она што ве прави среќни, која ви е целта во текот на денот, што ве прави добар или лош човек, што ве прави човек воопшто“, беа дел од прашањата кои Кнез преку видео-бим, од „иднината“ги постави до сите присутни и ги натера на размислување.
Целта на дизајнерката е преку колекцијата да поттикне прашање колку сме заглавени во електронскиот свет, како и самите се претвораме во „Андроиди“ и дека роботите за кои порано ни зборувале дека станат дел од нашето секојдневие сме всушност самите ние. „Concept2020“ е името под кое се обединети парчињата од лимитираната едиција. Како посочува дизајнерката, колекцијата е „recycling and pet friendly“ и прилагодена за нашиот пазар. Посебно внимание привлекоа обувките, кои беа завиткани во најлонска фолија со импровизирани долари, со што се алудираше и на гладта на човекот за пари.