FWSK ден 5: Совршена елеганција и шармантен бохо стил за софистицирани дами!

7 април 2014

Вчеравечер салонот на Порше беше местото каде се раскажаа вкупно шест нови, сосема поинакви и креативни приказни. Вечерта започна со промоција на брендот на новата компанија New man’s business accelerator кои преку одличен моден перформанс не воведоа во она што планираат да го сторат за младите, потоа заедно продолживме во една непозната земја каде Оливера Штакоска ни ја претстави новата колекција низ призмата на Џенис Џоплин, за потоа младата Ивана Јовановска повторно да не врати во сегашноста претставувајќи ни една софистицирана и шик девојка. Со дизајнерката Јасмина Дракул која по подолга пауза се врати на Модниот викенд, патувавме низ елегантните лавиринти на една поинаква и тотално женствена сказна, додека пак мистичната Елена Спасовска преку нејзиниот моден циркус ни прикажа дека жената може да биде елегантна и софистицирана и во супер удобни и лежерни парчиња. Крајот на вечерта беше резервиран за младата Јелкица Поповска која со нејзиниот моден перформанс не врати во добрите, стари 50 – ти.

New Man’s business accelerator – креативен моден перформанс за успешен старт

Модниот перформанс преку кој всушност се изврши промоција на брендот на новата компанија New man’s business accelerator, беше сосема поинаков начин за претставување на еден нов бренд на пазарот. Креациите, односно комбинезоните во најразлични бои, како и модните додатоци инспирирани од физиката и хемијата како природни науки што беа прикажани на модниот перформанс, беа дело на уметницата Нина Нинеска и Ема Николова, архитект и дизајнер. Шармантната Ирена Чаушевска, претставник на компанијата за Fashionel открива на кој начин ќе им помогнат на младите да започнат сопствен бизнис.

„Имаме пет логоа што ги претставуваат петте различни сегменти во кои што ќе работи компанијата, а самото лого е персонификација на човек, односно жена и токму затоа решивме промоцијата да ја направиме на овој начин. Имено, станува збор за компанија која што во следниот период ќе работи на интеграција на трите главни сфери во општеството – студентите, бизнисите и секако академијата и инвеститорите што треба на овие млади луѓе да им помогнат и да им овозможат да си оформат сопствени компании. Ние во нашите простории ќе им го овозможиме и тоа, односно, токму кај нас да ги направат првите чекори за нивниот бизнис со специјализирани обуки и со наша помош да имаат побрз пристап до странски инвестиции. Младите всушност се многу заинтересирани за ваков вид на проекти, затоа што на нив им е проблем оној момент кога ќе го завршат образованието и кога ќе треба да се вработат во соодветна компанија. Тоа е секогаш проблем, да успеат да го најдат своето вистинско место. Ние буквално ги фаќаме за рака и ги носиме низ целиот тој процес“, вели Ирена, додавајќи дека силно верува во целиот проект бидејќи нашите млади се многу креативни и ги изненадуваат од ден во ден, иако како што вели, им недостасува мотивација поради неверување дека самите можат да оформат компнија.

„Кога не запознаваат одблиску и кога гледаат што самите сме направиле и што правиме, почнуваат да веруваат, особено кога организираме некои важни настани кај нас, како што тоа е случај сега со Наса натпреварот“, вели Ирена.

 Nature calling: Во рајската бохо градина на Оливера Штакоска

Иако тотално жалиме што не успеавме да постоиме и твориме во времето на големата Џенис Џоплин чиј стил беше обожуван од девојките низ континетите, Оливера Штакоска вчеравечер успеа да не однесе токму во тоа време со нејзината шармантна деби - бохо колекција. Во истата се содржеа неверојатни лелеави фустани со впечатливи детали околу вратот, но и на половината што и даваа дополнителен шарм и убавина на секоја креација. Како што и самата дизајнерка посочи, инспирирана од природата, Штакоска на сцената прикажа земјени бои, но и такви што беа толку свежи што неодоливо потсетуваа на совршена џунгла. Тантелата беше водечката вибрација на сите дизајни и креации во кои ги вброивме долгите и кратки фустани, кошули и елеци, низ кои суптилно се проткајуваа ленот и памукот за целосно да ја доловат модната композиција. Составен дел од колекцијата беа и чевлите и чантите, за кои повторно ќе кажеме дека не вратија во едно прекрасно време каде лежерната бохо облека во комбинација со кожените детали им била единствено потребна на девојките. Штакоска повторно ги актуелизираше малите кожени чантички, но и рамните кафени кожени сандали со ремчиња во кои сме сигурни дека ќе имаме долго и удобно лето.

„Инспирацијата за оваа колекција ја пронајдов во природата, пред се во материјалите што ги користев, едноставно ми лежи тој бохо стил. Името на колекцијата е „Lace“, сосема едноставно, поради тоа што најмногу користев тантела при изработката на парчињата. Чантите и чевлите се составен дел од оваа моја прва колекција. Најспецифичното парче во целата колекција, односно можам да кажам најкомплицирано за изработка, беше еден фустан од тантела со преден дел од детали како штит. Мислам дека парчињата од оваа колекција можат да ги носат и помлади и постари жени, секако секогаш се зависи од вкусот“, вели Оливера.

Младата Ивана Јовановска има чиста визија: Елеганција и софистицираност за секоја жена!

Елегантната и доминантна дама беше доволен мотив за младата Ивана Јовановска да прикаже одлична колекција за жената која е спремна да преземе подвиг за доминација и истата е инспирирана од потребата за гламурозен, егзактен и моќен изглед. Јасните контури на линијата преку претопувањето на белите и златни тонови ја истакнуваа женската силуета што плени. Дизајнерката ни прикажа навистина моќни креации во нежни светли бои на кои како тотален контраст беа прикачени синџирите во масивна златна боја што ја претставуваа жената како бескрајно самоуверено битие. Златната боја пак претствуваше и печат за вредноста и префинетиот вкус на жената, додека белата боја ги неутрализираше креациите и ја оцртуваше нежноста на женскиот карактер. Во комбинација со беспрекорно одбраните високи шпиц потпетици во беж и златни нијанси, Јовановска уште еднаш докажа дека навистина има совршена визија за она што значи да се биде вистинска жена.

„Низ колекцијата Pure vision сакав да ја претставам пред се галантната и доминантна дама. Она што се обидов и всушност сакав да го направам, е да ја подигнам самодовербата на жените на многу поголемо ниво. Во однос на модните додатоци како што беа синџирите и масивните алки, морам да кажам дека инспирацијата ми е од секојдневието, од самите жени и елеганцијата – на кратко, од сето она како се однесуваат жените, нивниот бон – тон... Токму со тие додатоци сакав жената да ја претставам како многу силна и самоуверена“, вели Јовановска, во што и дефинитивно успеа според одличните реакции на публиката.

Јасмина Дракул – Длабока елеганција за самоуверена жени со силен карактер

Елегантната бајка на македонската дизајнерка Јасмина Дракул вчеравечер започна со блескав модел во жолтеникаво златна боја со богат и масивен детал кај вратот што на тоалетата и даваше уште подлабок изглед. Колекцијата „Во полн сјај“ е олицетворение на современата жена која истовремено зрачи со невиност и храброст. Раскошните венчаници и гламурозните тоалети од прекрасни материјали што ни ги прикажа дизајнерката, го балансираат максимумот и минимумот кај секоја жена, со што е оставен простор таа самата да ја пронајде својата оптимална удобност. Покрај специфичноста на самите креации, Дракул и остава можност на секоја жена која ќе ја носи креацијата да создаде свој печат на истата, кој ќе зрачи со енергија што ќе ги рефлектира нејзините емоции. На пистата кај скоро сите модели можевме да видиме богата плејада на тантела, транспарентни материјали, детали на креациите, лесна свила во нежни бои и шармантна шминка и фризура кај девојките. Ненаметливата раскошност и дизајн на венчаниците што беа прикажани на крајот од ревијата на единствен начин ја дефинираа убавината на жената без притоа да ја ограничуваат во изборот на идеалната тоалета.

„ Мојата колекција дефинитивно најдобро би си ја опишала и со самиот наслов на истата „Во полн сјај“ – инспирација ми беше самата жена и се она што не окружува. Она што сакав да го направам е да ја доловам внатрешната убавина на жената во полн сјај! Во однос на моите омилени парчиња од колекцијата, би можела да кажам дека ние секогаш можеби го преферираме последниот модел. Токму тој вечерва имаше најмногу рачна работа и најмногу време се создаваше, така што можам да кажам дека ми е еден од најомилените“, вели Дракул.

Покрај џет – сетерката Софија Каракаева која успешно го износи моделот што ја затвори ревијата, се чини најголем аплауз во целата ревија доби транспарентната црна долга тоалета која што дефинитивно беше наменета за смели девојки. И самата дизајнерка посочува дека истото е многу смело и наменето за храбри девојки.

На нејзината ревија се појавија и бројни гости од јавниот живот, меѓу кои и секогаш расположениот Александар Билјановски – Дадар.

„Ми се допадна ревијата, нејзиниот стил на женственост, префинетост, па и сексапилност. Посебен впечаток ми остави последната венчаница и црната транспарентна долга тоалета. Можам да кажам дека јас сум еден од најголемите поддржувачи на македонската мода воопшто. Ги поддржувам и соработувам со новите македонски дизајнери, нив во моментов им треба помош, знам како ми било и мене кога ми требало помош и кога одредени имиња ми помогнале до одредено време на некој начин, па така и јас сега сакам да го напаравам истото“, вели Дадар.

Меѓу гостите се најде и ТВ лицето Мелита Ракичевиќ која беше воодушевена од целата колекција.

„Колекцијата беше одлична. Јасмина има еден препознатлив стил на творење кој што се издвојува од останатите, нејзината тоалета бара посебна прилика. Меѓутоа јас ја сакам онаа женствена нота во дизајнот и изборот на моделите. Најмногу ми се допадна, без конкуренција, црниот транспарентен фустан, кој што беше максимално провокативен, женствен, јас сакам секогаш да има по некој мал предизвик и некако се издвои од другите модели и успеа да го сврти вниманието на целата публика“, вели Мелита.

Лежерните парчиња во фокусот на модниот циркус на Елена Спасовска

Долгоочекуваниот моден циркус како дел од перформансот на младата Елена Спасовска, се чини одвлече голем дел од вниманието на публиката. Трите девојки од циркусот непрестајно играа на соодветната музика, додека неколку модели ги презентираа парчињата од новата колекција на дизајнерката. Во истата се сочинеа долги транспарентни, нежни и помалку шармантни наметки кои беа совршен избор за долгите летни вечери. Останатиот дел од колекцијата, со исклучок на неколку елегантни и тотално носливи парчиња, беа олицетворение на удобна домашна облека која беше како создадена за урбани и тренди девојки. Како што и самата дизајнерка ни посочи, колекцијата е наменета за сите жени кои сакаат да се чувствуваат удобно во својата облека, но и да се истакнат од толпата.

„Размислував оваа година колекцијата да биде прикажана на поинаков начин, да биде малку потеатрално, да не биде едноставна модна ревија. Сакав да направиме еден спектакл кој се надевав дека ќе биде поинтересн за публиката и за сите други. Според мене, ова е многу широка колекција која што може да ги носат и постари и помлади жени, всушност секоја храбра жена може да се пронајде во мојата колекција, жена која сака да се истакне, да биде посебна, да биде убава. Во однос на материјалите, во оваа колекција има многу свила, многу транспарентни материјали, памук, тантела, некои детали од реси, така што целата колекција изгледа малку погламурозно. Јас на Модниот викенд настапувам четврта година по ред и според мене можам да кажам дека оваа манифестација има голем придонес за мене и моите креации. Токму поради тоа, секоја година се обидувам да учествувам, кај мене дефинитивно има напредок. Не само што ја продавам колекцијата тука, туку ја продавам и надвор, а исто така се она што се случува тука, фотографиите, видеата и слично, многу ми помага за да се продава надвор“, вели Елена.

„Избегавме“ во 50 – тите со Јелкица и Виолета Поповски

За крајот, гаражата на Порше Македонија беше наменета за модниот перформанс на Јелкица и Виолета Поповски кои сакаа да не вратат во доцните 50 – ти години и во периодот на неповторливата Брижит Бардо како инспирација. Целата замисла на младата Јелкица се состоеше во тоа што преку неколкуте модели во кои претежено преовладуваа кусите парчиња во интензивна, црвена боја, да ја прикаже вистинската женственост и минимализам. Иако публиката од модниот перформанс очекуваше многу повеќе, не поместувајќи се од своите места, сепак младата дизајнерка ги поздрави само со голема насмевка.

„Вечерва се обидов да ве вратам малку во доцните 50 – ти години, поточно моја инспирација беше Брижит Бардо и со колекцијата сакав да ја претставам вистинската женственост и минимализам, поточно вистинската елеганција. Мислам дека на секоја жена и е потребна таа мода од 50 – тите, барем кај нас, мислам дека дефинитивно недостасува, за во други држави можеби не. Сметам дека на македонските жени им треба малку повеќе храброст и смелост и промена и не толку гламурозни и постојано долги тоалети. Делот со жолтите линии требаше да биде флуоресцентен и со истите требаше да се истакнат контурите. Всушност, требаше да има флуорсцентно и УВ светло и да се видат сите контури како скица во темницата, само што не успеавме да имаме проба, но и без тоа, мислам дека излезе супер. Во однос на таргет групата можам да кажам дека секоја жена може да ги носи моите модели, мислам дека парчињата можат да се искомбинираат секако – со патики, со чизмички, со високи потпетици буквално за секоја пригода. Она што е потребно е само малку повеќе имагинација и креативност“, вели Јелкица.

Вечерва, повторно во салонот на Порше ќе се случи и крајот на деветото издание на Модниот викенд. Четири познати македонски дизајнерски имиња – Роберт Ивановски, Александра Митковска, Лидија Георгиева и Росица Мршиќ, вечерва ќе ја имаат честа да стават крај на официјалниот дел на Модниот викенд, за потоа со нови сили, сите заедно да заминеме во Скопје Сити Мол во потрага по трендовски парчиња од колекциите на стрит брендовите.

Објавено:
7 април 2014
Категорија: 
Колекции