Стартот на вториот ден на „Моден викенд Скопје“ беше резервиран за групната ревија на студентите од Фактултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет на Република Македонија.
Вкупно 15 студенти ја претставија својата замисла на тема „Шари и текстури“ што всушност е и насловот на колекцијата.
За тоа од каде токму оваа тема и како се подготвувале студентите ни објасни деканката на Факултетот за Арт и дизајн, Јана Манева Чупоска.
-Оваа година учествуваат 15 одбрани студенти од прв и втор циклус. Идејата дојде од самиот факт дека шарите и текстурите се интересен тренд. Иако се провлекува во секоја сезона, овој пат сакавме да ја нагласиме темата и да ја ставиме во прв план. Во делот на акцентирањето на тоа што значи „Шари и текстури“, многу обрнавме на дизајнот на текстил – вели Чупоска.
Таа потенцира дека при создавањето на колекцијата два сегменти биле од особена важност – кројната база и дизајнот на текстил.
-Сметаме дека недостасува тој индустриски сегмент. Сведоци сме сите можни материјали во наши усови од каде се набавуваат, тоа сите го знаеме и од разбирливи причини сакавме да ја потенцираме улогата на дизајнерот, не само во кројната база и моден аутфит, туку токму и во делот на дизајнот на текстил Секако дека како професија тоа се издвоени работи, но дизајнерот е секогаш одговорен и може да понуди различност и уникатност единствено со тој момент на дизајнирање на нешто што, повторно велам, недостасува кај нас, на македонската сцена. – објаснува Јана.
Во насока на тоа, таа посакува да се прават уште посмели чекори, повикува на похрабар однос, во различни техники.
-Не мора да биде само сликање на материјал, туку и дигитални принтови, различни техники на шиење и така натаму. Акцентот ни беше да направиме една модна форма во која ќе ги сублимираме овие два аспекта – потенцира деканката.
Токму тоа се обидоа да го направат студентите, па видовме разни апликации, принтови, кроеви, мешање на текстури и материјали, а сето тоа претставено најчесто преку младешки, носливи и допадливи креации.