Во рамки на ова издание на Моден викенд Скопје, се претстави и младиот дизајнер Златко Јовановски.

Тој пред присутните ја презентираше колекцијата „JZJ’s KINGDOM“.

-Колекцијата ја насловив така, бидејки знам дека гостите на ревијата се почуствуваа дека се во моето кралство. Маски, шапки, акцесоари, француски тулови раскошни тоалети, сценски костими, несекојдневни украсени корсети, многу тантела, камења и монистри рачно шиени, совршени женски тела со три златни глави е само мал дел од она што се врти во мојата глава и се надевам дека успеав и гостите да влезат на кратко во мојата фантазија – вели дизајнерот.

Во колекцијата доминираат парчиња во златни и сребрени нијанси што, како што ќе каже и Јовановски, сосема го отсликуваат, како некој што ја негува екстравагантноста, уникатноста и ексцентричноста.

На самиот старт од ревијата, публиката го виде и видеото направено специјално за оваа пригода. Музиката е изработена од продукцијата Eurotrash, додека Марина Трајковска била задолжена за кадрите од видеото.

-Оваа колекција е наменета за едиторијали, гламурозни настани и за сцена, бидејки на мое огромно задоволство и чест на целата македонска модна сцена, колекцијата заминува за Лондон во showroom од кој изнајмуваат познати личности и светски стилисти. Сум среќен што полека, но сигурно, го освојувам светот, го живеам мојот сон и докажувам дека наш производ и тоа како може да изгледа светски и да се пласира надвор од Балканот. Секако дека не е лесно, ниту едноставно и бара напорна работа, откажување од слободно време и други работи, како и големи финансии, но сепак на крајот сè се исплати – изјави Јовановски, кој не ја пропушти пригодата да упати и порака:

Златко Јовановски

-За крај би додал дека никој не е поважен од вас самите, работете ја работата која ве тера да сте насмеани и среќни, и секогаш слушајте го вашето срце иако имате налудничав памет- тоа е секогаш плус. 

Објавено:
4 април 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.300 пати