FWSK: Културното наследство како модна инспирација за студентите од Европски Универзитет

5 април 2015

2

Во рамки на Модниот викенд Скопје, на втората  ревијална вечер, традиционално се претставија и студентите од Европски Универзитет.

Преку групна ревија, со тема „Антерија< >Артерија“, младите студенти се обидоа да го вметнат културното наследство во современ моден концепт.

Токму за идејата и сработеното ја прашавме и Јана Манева Чупоска, декан и професор на факултетот за Арт и Дизајн на ЕУРМ.

-Да не звучи како клише, но јас секоја година велам: „Оваа ревија ми е омилена“. Но, оваа ревија е специфична по темата. Се работи за тема „Културно наследство на Македонија“, а  насловот е „Антерија< >Артерија“. Антерија е дел од македонската народна носија, поточно елекот, па направивме еден компромис, во однос на тоа што значи современ аспект. Но, морам да кажам дека е многу тешко да се преведе фолклорот. Многу често сме сведоци на некакви кич варијанти. Фолклорот сам по себе е доста кичест, има доста детали, а од друга страна, не можеме да правиме копии, бидејќи тоа е смешно. Овој процес бара една прочистеност, големо искуство за преод, за тоа што значи моден концепт за фолклор. Свесно ја одбравме оваа тема. Беше тешка и за студентите, да се склопи, но морам да кажам дека „Антерија< >Артерија“ е еден од моите најзначајни проекти – вели Чупоска.

Тринаесет студенти од првиот и вториот циклус на насоката Моден дизајн, се обидоа да одговорат на задачата најдобро што можат, презентирајќи различни парчиња, со помалку или повеќе, вметнати елементи од фолклорот. Исто така, беше забележливо и мешањето на материјалите, боите, а дел од студентите понудија и своја визија на креации што можат да се носат на повеќе начини.

За визуелните презентации за модното шоу, како и аксесоарите наменети за посетителите им помогнаа и студентите од насоката Графички дизајн.

Но, модното претставување на Европскиот Универзитет не заврши тука. Посетителите имаа можност да ја видат и изложбата под ист наслов на професрите од овој универзитет, со што го вбризгаа наследството во артериите на денешницата преку необични спојувања на уметноста и модата.

Со свои дела се претставија проф. м-р Гордана Вренцоска  со перформансот „Свадбено фото“, доц. м-р Јовица Мијалковиќ со објектите „Во железна рамка“, доц. м-р Маја Димовскаи Антонија Гугинска  со инсталацијата „Игра“, доц. м-р Маја Кировска со графичката инсталација „Чисто, јасно, кристално“, доц. м-р Христијан Санев и асс. м-р Александра Јовановска  со инсталацијата „Забавено вчитување“и асс. м-р Благојче Наумоскисо инсталацијата „Света геометрија“.

Оваа целина ја затвори токму Јана Манева – Чупоска, со моден перформанс насловен како „Од квадрат во круг“.

Во тоа ѝ помогнаа и познати дами од нашиот јавен живот, Ребека, Ирена Спировска, Снежана Богдановска, Ирина Илиевска.

На прашањето, од каде потребата за вакво претставување на Модниот викенд Скопје, Јана ќе каже:

-Искуството индивидуално што го имам како моден дизајнер, од една страна во претходните години е веќе помешано со професорското, бидејќи како наставен кадар и факултет, навистина го даваме максимумот во делот на вложување на она што се вели креативна форма на студентите и почувствував  потреба дека треба и ние како наставен кадар да го потврдиме нашето постоење, пред сè како професори, декани, асистенти, не само како флоскула, која секако не е случајна, туку како конкретна форма, која пред сè на студентите многу им значи.

Со оглед на тоа дека фолклорот е неисцрпна тема и инспирација за Чупоска, токму тој се најде и во центарот на овој перформанс.

- Јас веќе со години го истражувам ова поле, и сум докторант на Институтот за фолклор. Научните, практичните искуства се споија во една форма, едноставно  тоа мораше да излезе во еден ваков вид на перформанс. Што се однесува до презентацијата, морам да кажам дека веќе одамна не ме привлекува модната писта за презентација. Сметам дека тоа е повеќе една форма која и за индустријата е досадна, сметам дека како што и сте сведоци на светските, особено познати брендови, дека веќе сите одбегнуваат класична презентација на писта. Сите се насочени кон перформанси, кои секако бараат и многу финансии итн. Ова е еден наш скромен придонес за тоа што значи моден перформанс. На крајот би сакала да додадам голема благодарност до Европскиот факултет за поддршката, и за Министерството за култура, бидејќи проектот кој што јас вечерва го презентирав е дел од програмата за креативни инвестиции – ни кажа за крај Манева-Чупоска.

А во продолжение погледнете како изгледаше комплетното претставување од ЕУРМ.

Објавено:
5 април 2015
Категорија: 
Колекции