FWSK: Вториот ден во знакот на временско патување и различни техники и естетики

4 ноември 2019

После одличниот и несекојдневен концепт на Теодора Митровска на Железничката станица, љубителите на модата останатиот програмски дел од Моден Викенд Скопје го проследија во Музеј ја град Скопје, кој продолжи со ревија на бугарскиот алтернативен бренд Jar&Jam.

Пред македонската публика се претставија со колекцијата „ Tempo & Patience...Sweet temptation“ која има футуристички дух. Креациите во свежи бои, со несекојдневни модни додатоци, се идеални за street wear комбинации. Во естетиката која подразбира кратки маици со принт, панталони-тренерки, широки фустани во впечатливи бои, кратки транспарентни чорапи и масивни патики, јасно беше дека инспирацијата е црпена од на многумина омилената модна декада, деведесетите.

По овој спој на минатото, сегашноста и иднината, публиката имаше можност да ја види дебитантската ревија на Моден викенд Скопје на Мила Спасовска. Таа ги обедини своите креации под името „Текстура на умот“. Креациите кои беа во војнички стил, во маслинесто зелени, беж и кафени нијанси, имаа за цел да ја претстави внатрешната борба. Како ќе каже и самата дизајнерка, колекцијата ја дефинита стихијата на сопственото јас, ја подарува убавината која стои токму зад внатрешната војна. Го гледаме човекот како си игра со временските непогоди и како чекори низ нив. Го гледаме човекот како е подготвен за секоја непогода, а воопшто не е подготвен за блаженство. Внатрешната наспроти надворешната борба и вечното тежнеење кон сопствена револуција. А сето тоа како тема спакувано во кошули со строг крој, капути, широки панталони со ленти, беретки...

Зана Алиу ѝ е веќе добро позната на македонската публика. Таа му се враќа на Моден викенд Скопје, претставувајќи ја колекцијата „LA NUIT“. На пистата продефилираа модели облечени во креации со свечена нота. Црната нијанса доминира, со што дизајнерката сака да каже дека таа ја претставува совршената хармонија на елегантното. Црната е царица на општеството, истовремено толку едноставна, а толку комплицирана. Преку креациите, каде можеа да се видат и различни текстури и тканини од мрежа, преку сатен, до тантела и пердуви, таа покажа дека црната може да се прилагоди на секоја жена и чувство. Може да понуди сексапил, но и софистицираност, холивудски гламур и урбаност. Како вели, црната има сè и нејзината убавина е апсолутна! Со неа веројатно ќе се согласат сите оние што ја преферираат пред останатите бои и нијанси.

Вториот ден од Моден викенд Скопје се заокружи со најавениот проект „Нитка“. Групата млади таленти Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето, покажаа што научиле во изминатиот период и ги претставија рачно изработените креации. Имено, под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, шестмината за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Присутните видоа дека плетењето како техника, и крајниот производ можат да имаат и нослива, но и уметничка нота, да функционираат во секојдевието, во комбинација со други материјали, да се вклопат во различни модни приказни, но и да понудат авангардност.

 Повеќе од ревиите можете да погледнете во галеријата во продолжение:

 

 

фото: fashionel.mk; fashionweekendskopje/AD photography

Објавено:
4 ноември 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
364 пати