Гламурозно и женствено: Зухаир Мурад ја претстави новата колекција

18 јануари 2020

Во очи на „Оскарите“, либанскиот дизајнер Зухаир Мурад ја претстави новата пред-есенска колекција за 2020 година.

Без разлика што не се работи за парчиња од Висока мода, сепак дизајнерот изигра стратешки и понуди креации што би биле идеални за на црвениот килим.

Како сподели на својот Инстаграм профил, колекцијата е инспирирана од силни жени, хероини од 20-от век, така што секоја жена која се доживува така би се пронашла во новите модели.

Гледано низ призма на трендовите, тој ги обединил речиси сите актуелни. Низ колекцијата доминира нежната тантела, светкавите ткаенини и металик ткаенините.

Бели, црни, црвени, смарагдно зелени и крации во боја на годината се неговиот предлог за оваа година, а индиректно и за црвениот килим.

Кога се креациите пак во прашање, понуди разновидност, од куси фустани со карнери и набори, преку дводелни комбинации со корсет, одела кои се уште се еден од водечките трендови, па сè до долгите фустани.

Дизајнерот прави комбинации и со различни принтови, како и текстури на материјали, со што внесува динамичност во колекцијата.

Сакајќи да ги опфати сите типови жени, понудил голема палета, за да може секоја да се пронајде, по што се добива впечаток дека за момент и се расплинува повеќе од потребното.

Ќе биде интересно да се види дали некоја од овие креации ќе се најде на црвениот килим и воопшто, кој дизајнер ќе доминира кога е модната страна на „Оскарите“ во прашање.

Во продолжение погледнете ги останатите модели.

 

Фото: www.zuhairmurad.com

 

Објавено:
18 јануари 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
2.994 пати