Хипи ерата во стилот на Burberry Prorsum

24 февруари 2015

На претпоследниот ден од модната недела во Лондон, посебно внимание привлече ревијата на Burberry Prorsum. Кристофер Бејли за сезона есен-зима 2015/16 посегна за инспирација посегна по доцните 1960-ти и раните 1970-ти. Очигледно дека хипи годините се доминантна инспирација кога се новите колекции во прашање.

-Сè започна како идеја од народната уметност, занаетчиството и луѓето кои создаваат нешто со свои раце – изјави Бејли за странските медиуми.

Колекцијата е насловена како Patchwork, Pattern & Prints, а токму тоа е и доминантно во неа, присуството на колажи од различни бои, дезени и принтови. Тие се применети во долгите фустани, кошулите, панталони и здолништа.

Миксот од цветни дезени, животински принтови и пачворк од истите, направи колекцијата да изгледа динамично и весело. Имајќи го предвид периодот од кој се инспирирал дизајнерот, присуството на реси е задолжително и атрактивно.

Посебно внимание привлекуваат широките пончоа, со долги и густи реси, како и светлокафените фустани, мантили, здолништа од велур, комплетно „обложени“ со реси. Овој детаљ е присутен и кај обувките, како и во модните додатоци.

Кога сме веќе кај модните додатоци, доминираат големи чанти со принт и реси, но има и неколку плик варијанти. Токму во модните додатоци, поточно само во еден од нив е забележано присуството на добропознатиот Барбери дезен.

Изборот на обувки се состои од високи пачворк чизми и ниски чевли, повторно со реси.

Модната куќа посебно внимание посветила и на очилата. Колекцијата на очила на Барбери е составена од модели со кружни стакла, со закривена линија кај веѓите и тенки, издолжени рачки. Што се однесува до боите, моделите се во земјени тонови, па можат да се забележат очила со килибарна боја на рамки и стакла, окер и сиви рамки со окер стакла, темнозелени и окер рамки со зелени стакла и такви со рамки во сивкаста и килибарна боја со сиви стакла.

Сè на сè, Барбери понуди една еклектична колекција, во која веруваме секој ќе успее да пронајде нешто за себе и да се инспирира.

Објавено:
24 февруари 2015
Категорија: 
Колекции