Младиот дизајнер Игор Марков вчеравечер во Музејот на град Скопје ја прикажа неговата прва колекција Prêt-à-porter féminin de luxe во рамки на 12 – тото издание на Модниот викенд.

Во уникатниот амбиент на Музејот можевме да видиме бројни парчиња што на шармантен начин ја отсликуваа женската силуета, а истовремено беа и супер секси.

Како што ќе каже и Марков, неговата колекција е наменета за силни жени кои знаат што сакаат во животот, кои не се плашат гласно да говорат и да му го покажат својот карактер на светот.

„Изминативе осум месеци фокусирано ја подготвував мојата прва колекција Prêt-à-porter féminin de luxe,  ексклузивна, вечерна колекција за модерни, урбани жени. Колекција е составена од  уникатни, ултра гламурозни парчиња облека кои верувам дека ќе им се допаднат на сите модни фанатици. Карактерот на колекцијата е вон сезонски, бидејќи се работи за наменски, специфичен асортиман гардероба“, вели дизајнерот.

Самиот ќе истакне дека не го подржува принципот на создавање колекција базирана на конкретна тема и инспирација, појаснувајќи дека речиси секогаш, таквото размислување завршува со клише.

„Решив да погледнам во себе и да се обидам од старт да го градам мојот печат и естетика како дизајнер, иако ми е прва колекција, сепак сите оние кои ме познаваат, можат да ви потврдат дека цел живот будно ја следам светската модна сцена, така што имам прилично добро изградено чувство за она што би ме претставувало мене и што сакам да го искажам преку облеката потпишана со мој потпис. Конкретно, за подготовката на колекцијата многу размислував каков впечаток сакам да остава истата, по што сакам да е препознатлива, каква порака да пренесува, кои силуети ми се допаѓаат и слично. Следна фаза беше размислување за тоа кој е мојот клиент, конкретно визуализирање на истиот што произлезе со создавање на фиктивна личност, жена, девојка која потоа постојано ја имав на ум додека го цртав и креирав секое едно парче“, појаснува Марков.

Како што и самиот кажа, на пистата видовме навистина женствени костуми составени од тесни панталони со неколку варијации на должини, комбинирани со палто со уникатен отвор во задниот дел.

Младиот дизајнер кој покажа голем ентузијазам со својата прва колекција, очигледно беше инспириран и од големите имиња на глобалната модна сцена како Балман и Жан Пол Готје прикажувајќи парчиња што потсетуваат на нивниот сензибилитет.

Спротивно на тоа, Марков прикажа уникатни долги, женски елеци со строг крој, што веруваме дека ќе бидат одличен избор за сите стилски девојки кои ја обожуваат неговата комбинација на бои.

Највпечатливи дефинитивно беа отворите кај парчињата, со што дизајнерот уште еднаш докажа дека неговата прва колекција ќе биде вистински избор за сите дами што сакаат да се чувствуваат неодоливо.

„Мојата колекција е апсолутно наменета за жени и девојки кои ја сакаат модата, на кои модата е составен дел од нивниот живот, личности кои искрено уживаат и силно ја доживуваат истата. Потребна е голема самодоверба и силен став за да можете да ги носите овие парчиња, добро да се познавате и да се сакате себе си“, вели дизајнерот.

Марков потсетува дека колекцијата за прв пат на светот му ја претстави во Париз пред француската модна федерација пред неполн месец.

„Таму се стекнав со интернационален сертификат за моделизам и стилизам, благодарение на поддршката на мојот ментор Изет Цури и интернационалниот моден институт „Изет Цури” во Скопје, подржан од француската амбасада. Се надевам дека и во Скопје коментарите ќе бидат толку охрабрувачки и позитивни како што беа и во Париз“, вели Игор, додавајќи дека му е драго што претставувањето е во рамки на Моден викенд, бидејќи има огромна почит за организацијата.

Објавено:
23 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
5.255 пати