Интензивни бои, цвеќиња, лето и Шпанија во новата колекција на Каролина Ерера

14 јуни 2021

Периодов се актуелни Ресорт колекциите. Како што речиси две години сите функционираа со забавен ритам, вистинско освежување беше да се видат токму овие колекции кои директно се поврзуваат со патувањата.

Кога е во прашање колекцијата на „Каролина Ерера“, Вес Гордон уште еднаш направи проверен спој на класиката и актуелните трендови.

Не видовме ништо спектакуларно во однос на кроевите и естетиката, но сепак поинтензивните бои ни го привлекоа вниманието.

Во една изјава ќе рече дека отсекогаш сонувал за викендичка за летни забави, на плажа, каде ќе ги помине деновите после работата во градот, за вечера под ѕвездите и танц во тревата до утро. Е колекцијата е она што би го носеле на таква забава.

Широко цветно здолниште какво што би носела Каролина Ерера лично, во комбинација со кошула, но не бела туку исто така со цветн принт е една од неговите идеи.

Мини фустани, како и коктел фустани со доза сексапил се она што се гледа на прв поглед.

Ригите, како и црно-белата естетика која е еден од синонимите не само за брендот, туку и за личниот стил на сопственичката на брендот, се исто така застапени.

Романтични парчиња со карнери, меѓу кои и оние панталони кои наликуваат на матадорски, но збогатени со овој неизбежен детаљ, се јасна асоцијација на Шпанија и шпанската култура.

И додека од едната страна ќе речете колекцијата започнува со еклектични комбинации во вибрантни бои, потоа одеднаш се смирува и преминува во минимализам, за да заврши со монохроматски комбинации со впечатливи детали.

И токму како што рековме, прави спој на традицијата и актуелните трендови, на веќе познатата естетика, но малку „наградена“ овој пат најмногу во изборот на бои, но ќе го пофалиме и присуството на впечатлив, а сепак и романтичен накит, како и марамите кои се носат на традиционален начин, но изгледаат тренди.

Главниот вепачток е дека колекцијата изгледа свежо, привлечно и носливо. Но, од моден аспект, не премногу инвентивно, па едвај чекаме загревањето на Гордон за заврши, за конечно да го видиме неговиот личен печат, бидејќи во досегашните се' уште се забележува стегнатост и доминантно присуство на традицијата и минатото.

Објавено:
14 јуни 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
356 пати
Тагови: 
Каролина Ерера