Неповторливиот Алесандро Микеле за прикажувањето на фантастичната ресорт колекција за 2018 – та година, го води брендот назад дома во секогаш магичната Фиренца.

Токму таму, во Pitti Palace дизајнерот уште еднаш нѝ покажа колку му се важни корените и наследството и дека никој никогаш не смее да заборави од каде доаѓа.

Иако на почетокот идејата беше дека новата колекција ќе ја претстави во Атина, но откако тоа не му беше дозволено, се врати на корените и повторно успеа.

„Не можевме да ја имаме Атина, па се префрлив на следниот чекор од почетокот на цивилизацијата и дојдовме тука, во Фиренца, во оваа фасцинантна метропола на минатото“, изјави тој пред почетокот на ревијата.

Дека тој направи уште една совршена колекција покажаа и бројните присутни кои беа воодушевени од сите парчиња кои неодоливо потсетуваа на едно минато, прекрасно старо време.

На пистата можевме да видиме турбани и марами за глава со одличен принт, разни шноли во форма на инструменти, многу кадифе кај облеката и модните додатоци, светкави очила за сонце, долги ретро наметки, неверојатни изработки кај материјалите и што уште не.

Оваа сезона тој понуди и светкаво лого кај парчињата, многу натписи кои го испишуваа името на брендот, но и бројни долги фустани за кои знаеме дека често ќе ги гледаме на црвениот килим.

Низ целата колекција тој понуди многу забава, огромен број на неверојатни принтови сместени во совршено скроените женски костими, тесните и широки фустани, модните додатоци, наметките, крзнените зимски палта и речиси сите други прикажани парчиња.

Микеле уште еднаш докажа дека со него на чело, Гучи дефинитивно уште долго време ќе биде еден од најпосакуваните брендови во светот.

Фото: Vogue.com

Објавено:
30 мај 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
163 пати
Извор: 
Vogue.com