Јована Филиповиќ: Ресорт колекција инспирирана од слободата и делото на Чемерски

12 јули 2021

Дизајнерката Јована Филиповиќ неодамна ја претстави ресорт колекција, а овој пат креативноста ѝ ја поттикнала темата за слободата, но и познатиот Споменик на слободата во Кочани, дело на академскиот сликар Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.

Во контекст на темата, на сосема случајна средба со книгата на Елена Чемерска – „Споменик на слободата – Разговорник“ (во издание на Private Print) , дизајнерката ќе биде поттикната да ја подржи желбата на ќерката на познатиот слика за спасување и обновување на споменикот. За книгата ќе рече дека е „Книга која ти ги полни очите со солзи од: радост, тага, емоција, среќа и возбуда. Книга која ти прави носталгија за времињата што поминале, но ти дава сила да се бориш за времињата што доаѓаат. Книга која е олицетворение на минатото, сегашноста и иднината.“

Колекцијата е настаната во време кога  реално ја немавме слободата на движење и кога прашањето за тоа што е слобода и што ја детерминира, добива на уште поголемо значење.

„Елена Чемерска е автор на повеќегодишниот мултидисиплинарен уметнички проект „Татковина - Споменик на Слободата“, чија цел е повторно освојување и населување на овој простор на слободата и негова долгорочна ревитализација. Сакајќи да и помогнам на Елена во нејзината "борба" за оживување и обновување на Споменикот, 5% од продажбата на колекцијата Ресорт 2022 ќе се одвојат за реставрација на истиот“, посочува дизајнерката Филиповиќ.

Како изгледа оваа тема преточена во модна креација?

Ресорт колекцијата е составена од носливи парчиња, со јасни линии, но интересна структура, во која е проткаена целата приказна. Иако кај дизајнерката доминираат монохроматски парчиња, што некако се наметна како нејзина препознатливост, заедно со минимализмот, овој пат сведочиме на креации кои имаат и боја - сини, портокалови, црвени, жолти нијанси, што мораме да признаеме е убаво освежување кое дизајнерката би можела да го практикува и понатаму и секако белата, како отворен и јасен симбол за слободата, чистината, отвореноста...

„Сакајќи да раскажам едно свое видување на темата СЛОБОДА, а воедно и да ги вклучам сите елементи кои ме инспирираа, сосема спонтано се случи една убава приказна наречена Ресорт 2022 и уште поубава соработка која се надевам ќе биде инспирација за многу идни вакви соработки и проекти. Колекцијата ги носи дел од боите на споменикот, ја носи формата и приказната. Приказната на споменикот, авторите... Љубовта, емоцијата и страста што Раѓеновиќ и Чемерски сакале да ја пренесат на тогашните и идните генерации. Изгледи кои иако се „слободни", суптилни и навидум меки, имаат движење, енергија и пренесуваат силна порака. „Лесни" се за носење и комбинирање, што му дава поголема имагинација на носителот да ги комбира и спојува истите, и да им пренесе дел од себе.

Дел од кроевите потсетуваат на тлоцртот на ранохристијанската базилика впишана во основата на
споменикот, кој духовито се подигрува со античката амфитеатрална форма, градејќи основа врз минатото и меморијата“, објаснува Јована.

Кога се материјалите во прашање, повторно доминираат природните.

„Комбинацијата на материјали, свила со памук, лен со чипка, е направена со цел да потсетува, да комуницира со дуалноста помеѓу афективноста и отпорот којашто Чемерски ја прикажува во своите мозаици.

Принтовите на дел од парчињата се скриени, со цел да се даде едно потсетување дека треба да се грижиме за истите, да ги чуваме. Да ги обгрнуваме со љубов, како што споменикот нè обвиткува нас со топлина и гордост. Чувството на возбуда и нова енергија е пренесено преку збогатувањето на палетата
на парчиња и модни додатоци, како маици, чанти и ремени“, вели дизајнерката.

Ве оставаме во продолжение да ги погледнете и останатите парчиња:

 

Модел: Викторија Ристовска
Фотограф: Антонио Станков
Надворешен соработник: Елена Чемерска
Шминка и фризура: Ла Сенса
Асистент дизајнер: Марјан Бебекоски

 

Објавено:
12 јули 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
658 пати