„Келвин Клајн“ за старт на вториот ден на Њујоршката модна недела

11 февруари 2017

Една од најочекуваните ревии на модната недела во Њујорк, е токму онаа на брендот „Келвин Клајн“ што се случи вчера. Таа го отвори вториот ден, а модните инсајдери со нетрпение чекаа да видат како ќе изгледа првата колекција на Раф Симонс за оваа модна куќа.

И откако ќе ги погледнете сите модели, впечатокот го сведувате на два збора – ретро и Америка.

Како што беше случај и кај „Диор“ , Симонс се внурна во историјата и на овој бренд, истражувајќи ја до до најситен детаљ. Не случајно е одржана и во средиштето на компанијата, а не на некое друго место во Њујорк.

А тоа е всушнот и тема на колекцијата – омаж на САД преку естетиката на „Келвин Клајн“.

Со широките кожени јакни со крзно и каубојските чизми нè потсети на Тексас, а од друга страна се сивите одела и строгите палта „наменети“ на пример за Вол Стрит. Омажот за САД не може да помине без џинсот, па го видовме во црна, темносина и бела варијанта, со што нè потсети на препознатливоста на овој бренд.

Колекцијата беше мешана (машки и женски комбинации), а ја забележавме и ретро нотата од 1970-тите, преку кројот на кошулите и панталоните од почетокот на ревијата, како и колоритот, што нè потсети и на серијата „Луди 1970-ти“.

Њујорк го видовме преку капутите со транспарентен ПВЦ материјал одозгора, но и фустаните од свила и пердувите.

Раф Симонс ја врати во употреба и реченицата „ Established 1968 Designed in America“, која ја аплицираше на парчињата облека.

Без разлика дали ви се допаѓа или не ваквата естетика, она што секако мора да му се признае на Симонс е одличната презентација на приказната за Америка преку „Келвин Клајн“, што е и еден од најпознатите американски брендови.

А токму затоа и не изненадува фактот што во публиката беа присутни и бројни познати личности како Брук Шилдс, Гвинет Палтроу, Џулијан Мур, кои беа и заштитни лица и музи на Келвин Клајн. Но, се појавија и личности од новата генерација како Наоми Харис, Мили Боби Браун....

 

Освен оваа ревија, на вториот ден својата замисла за тоа што треба да носиме следната есен-зима ја прикажаа и Џејсон Ву и Џереми Скот.

Џејсон Ву прославува 10 години постоење на модната сцена, а пред њујоршката публика претстави колекција во која првиот дел беше псоветен на секојдневни комбинации, па може да се рече и деловни, додека вториот дел е резервиран за коктел фустани каде доминираат црната и златната.

Мрежестите хулахопки се тренд што и Ву ги потенцира, а ги видовме и во колекцијата на Џереми Скот.

Џереми пак, е познат по тоа што го спојува неспоивото и неговите креации речиси секогаш се коментар на некоја појава од (поп)културата. Овој пат, дизајнерот преку креациите ја искажа својата лутина за промените со кои се соочува американското општество на повеќе полиња. Исус Христос, Елвис Присли и Мајкл Џексон ги обедини во иста колекција, а преку нападноста на креациите и контрастите порача „Убијте ги своите идоли“, а потоа остави секој да го толкува тоа на свој начин.

Погледнете:

Објавено:
11 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
494 пати