Најдобриот дизајнер на женска облека за годинава според изборот на CFDA, Марк Џејкобс вчера ја презентираше својата нова ресорт колекција чија естетика е навраќање на неговите дизајнерски почетоци.
А тоа подразбира бескомпромисен микс на стилови и декади, создавајќи колекција во која се чувствува влијанието на панк супкултурата од една и комерцијалната поп сцена од друга страна.
Џејкобс направил раскошна ретроспектива од „YouTube" до MTV генерацијата дефинирана во колекција која без оправдување е кич авангарда, а тоа го вели и самиот Џејкобс:
-Создадов есенска колекција што ја направив кичеста, па се прошетав од „YouTube" назад кон MTV.
Присуството на 80-тите години е неспорно и се провлекува низ целата колекција. Натписите со логото на MTV се директно олицетворение на оваа декада кога музичката телевизија направи револуција во поп културата.
Но, дизајнерот целиот тој „флеш бек" го сместил во рамки на она што значи сезонски актуелен тренд, па комбинирал со парчиња кои се актуелни, како палтата и елеците во милитари стил, елегантните здолништа со висок струк и марамите врзани околу врат.
И она што особено и неизбежно го задржува вниманието се богатите принтови и нивната ноншалантна комбинација, без многу пресметувања, па така животинскиот принт е комбиниран со флорален или пак везените детали се споени со црно-бели геометриски принтови.