Кога модата танцува: Диор во ритамот на фламенкото

20 јуни 2022

Диор танцува во ритамот на егзотичното фламенко, во центарот на Севиља.

Југот на Шпанија, во градот каде што се сретнале различни култури и традиции, беше идеалната сценографија за шоуто за новата круз колекција на Диор за која Марија Грација Кјури се инспирираше од традиционалниот андалузиски танц на музика од гитара.

Жарта и пасијата на фламенкото беа интерпретирани на моден јазик, делувајќи многу моќно, темпераментно и егзотично.

Кјури претходно поминала месеци во регионот на Севиља за на автентичен начин да ја доживее традицијата која во овој дел на Шпанија сѐ уште е влијателно присутна. И успеала есенцијата да ја претвори во модна културно-историска мапа на градот.

За потребите на колекцијата работела со локална занаетчии, што дава уште поголема симболика за нејзиниот пристап на работа и создавањето мостови меѓу различни светови токму преку модата. Така на пример, познатата чанта на Диор, „Saddle bag" доби нова интерпретација во соработка со локалниот занаетчија, кожарот Хавиер Меначо.

„Навистина ми се допаѓа овој регион. Може да почувствувате дека традицијата навистина е жива овде. Препознавам голем дел од себе во оваа медитеранска идеја за жената. Почувствував силна конекција", вели уметничката директорка на Диор.

Уметност и традиција на толку многу нивоа. Кога модата танцува фламенко, жар црвените и мистичните црни тонови го диктираат ритамот. Богатите везови извезени на кратките болера, шапките под кои ѕирка мистика, андрогените матадор одела и сензуално откриените рамена кај фустаните со карнери, го рефлектираат медитеранскиот дух во сите негови облици, но пред се идејата за занаетчиството и неговата културолошка врендост.

Фото: Vogue

Објавено:
20 јуни 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
245 пати