Еден од омилените млади дизајнери на денешницата, Симон Порт Жакемус, вчеравечер направи спектакуларна ревија на југот на Франција со која ја одбележа 10 годишнината од постоењето на брендот.

По завршувањето на машката модна недела во Париз, уредниците на познатите магазини и сите влијателни луѓе што будно ги следеа ревиите за миг се преселија во прекрасните полиња со лаванда во Прованса за да ја проследат ревијата на талентираниот Жакемус.

Ова беше прво шоу за дизајнерот на кое прикажа и машка и женска колекција, а за локацијата каде се одржа и не треба многу да се говори.

Како полињата со лаванда да не беа доволни, дизајнерот постави долга розова патека на која чекореа моделите облечени во парчиња од неговата последна колекција.

„Сакав место што ќе изгледа како разгледница. За мене беше важно да го променам клишето во нешто уметничко, со таа розова лента во средината која изгледаше како нацртана слика“, изјави за WWD дизајнерот.

Неговото шоу беше толку спектакуларно и неверојатно, дотолку што поканите за истото беа направени во форма на мало шишенце полно крема за сончање, со оглед на високите температури со кои се соочува Франција.

Познат по големите шапки и мини чантичките, дизајнерот овојпат прикажа многу повеќе од тоа. Ревијата ја отвори со неодоливи широки машки и женски палта во свежи бои, беспрекорни женски панталони, лежерни летни кошулки, лелеави фустани, како и шик модни додатоци по кои е и познат.

Во соработка со Сваровски, дизајнерот ја направи колекцијата уште поблескава со 385.000 кристали во машките и женски парчиња, како и на чевлите, шапките и накитот.

Визијата на 29 годишниот дизајнер е и повеќе од јасна, а и самиот ја потенцира – уште поголема продажба и заработка помеѓу 23 и 25 милиони евра во 2019 – та година.

Инфо: WWD

Фото: Vogue.com

Објавено:
25 јуни 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
333 пати