Александар Меквин своевремено во Њујорк презентирал две клучни колекции, „Данте" во 1996 и „Eye" во 1999, затоа што овој град бил вистинска плодна подлога за неговата уметност и има значајна улога во неговиот дизајнерски опус.
После 23 години, Сара Бартон, тогаш негова десна рака, а сега креативна директорка на брендот, повторно се враќа во Њујорк за да укаже почит кон корените на нејзиниот ментор и токму таму реши да ја промовира зимската колекција за 2022/23 година.
Во концептот на Меквин ништо не е случајно и ништо не е површно. Секоја колекција има длабочина и приказна и тоа е она што ги прави комплетни и вредни. Флората и фауната често се дел од таа приказна. Овојпат, симболиката која Бартон ја лоцираше кај печурките е нивната улога да создаваат систем на мрежа преку која подземно да ги поврзуваат корените на дрвјата и да им овозможат да разменуваат корисни материи. Така и со луѓето и со заедницата, преку оваа метафора дизајнерката порачува колку е значајна меѓусебната комуникација, поддршка и разбирање.
Сето тоа трансформирано во моден дизајн, подразбира исклучително комплексни структури и форми во симбиоза со рачни изработки и богати, слоевити креации.
Интензивните мириси и вкусови на природата се преведени преку силен колорит, како интензивните зелени и жолти нијанси во комбинација со црна основа.
Асиметријата е нагласена во комбинација со мулаж техника и волуменозни конструкции со карнери, но помеѓу се и елегантните и чисти лини во дизајнот на дводелните одела и елегантните сако-фустани.
Посебно внимание привлекуваат и рачно изработените џемпери, во нијансиран колорит и кожените сетови, што потсеќаат на панк естетиката од старите добри денови на Меквин.