Копнеж за едно лето во новата кампања на Селин

1 август 2016

Француската модна куќа Селин ја претстави кампањата за есенската колекција во која смести навистина интересни парчиња.

Она што е навистина посебно поврзано со колекцијата, се фотографиите за кампањата направени на зајдисонце, кои изобилуваат со прекрасни чувства за едно изминато, долго, топло лето.

Истите се направени во навистина опуштена атмосфера во која се прикажани новите парчиња на модната куќа која овој пат комбинира елегантни парчиња со спортски и сето тоа изгледа навистина стилски и шик.

Тимот дизајнери создаде кул есенски јакни со впечатливи џебови и ремени кои совршено ја нагласуваат половината.

Јакните тие ги комбинираат со кадифени панталони во неодолива зелена и жолта боја, а освен овие парчиња, создадоа и меки и нежни блузи со високи јаки и патент од совршени материјали.

Она што остава особен впечаток во целата колекција се и елегантните и женствени јакни во есенски бои со патент на средината кои може да ги комбинираме со што и да посакаме во сезоната што доаѓа.

Целата колекција беше прикажа оваа пролет во Париз на тамошната модна недела, а како и секогаш, истата ги воодушеви љубителите на работата на модната куќа.

Креативната директорка Фиби Фило за следната сезона претстави неверојатен микс на спортски и елегантни парчиња на начин на кој само таа умее, со многу малку принтови, апликации и детали, но со многу естетика.

Таа остана доследна на нејзиниот единствен стил, изразен преку чистината на парчињата, прекрасните бои и уникатноста. Фотографиите за есенската кампања ги изработи Зои Гертнер.

Објавено:
1 август 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
235 пати