Крајот на 19. Моден викенд Скопје во знакот на рециклажата и етно мотивите

1 април 2019

Со вчерашните ревии, заврши 19. издание на Моден викенд Скопје. На последниот ден, посетителите можеа да видат неколку различни модни приказни, но обединети во тоа дека се инспирирани од теми вредни за внимание.

Токму таква е и онаа на студентите на ТМФ.

Во соработка со текстилниот кластер и под менторство на професорката Лидија Георгиева, тие пред публиката вчера го презентираа резултатот од проектот наречен „Рециклирање“ кој се занимава со проблематиката на сочувување на животната средина. Од тука потекнува инспирацијата за оваа ревија наречена пак „Реинкарнација“.

На пистата видовме креации од студенти од втора, трета и четврта година.

Донева Мартина, Магдалена Димковска, Тамара Богдановска (втора година) ги претставија своите креации со поттема „INSIDE OUT”

-Не секое црвено јаболко е вкусно кога ќе се пресече, така и човекот понекогаш не ја зема внатрешната убавина предвид во процесот на запознавање на личноста. Поради тоа избравме надворешниот дел од нашата креација да биде изработен од постава чија што употреба е најчесто за украсување или заштита на внатрешниот дел од облеката. Со ова сакаме да кажеме дека важна е и внатрешноста на човекот, неговите чувства, мислења, важно е да го гледаме и тоа што не може да се види.

Со овој проект кој вклучува рециклирање на текстилен материјал и негова втора употреба, сакаме да поставиме неколку прашања, дали се рециклира само тоа што е материјално? Можеме ли да ги рециклираме мислите? Да почнеме со рециклирање на самите себе, да ги рециклираме луѓето... – велат студентките.

Јана Маринковска, вели дека инспирацијата ја нашла во преточување на шаренилото од отпадот во шаренилото кај цвеќињата, како и пораката дека нешто грубо, сепак може да се трансформира во нежност.

Креациите на Катерина Димитровска, со поднаслов  “O R G A N И З А М:    A N A L И Z A    П А R A L И Z A”, исто така се надоврзаа на целата приказна за рециклирање, односно реинкарнација.

-Приказната за мојата облека претставува неколку организми кои низ различни етапи од нивниот живот се среќаваат со различни чувства и ситуации. Најпрво се започнува од тоа како сите тие се отфрлени од нивните домови, бидејќи за нив претставуваат ништо повеќе од згрешени научни и социјални екпсерименти, затоа што поседуваат моќи и карактеристики со кои нивните создатели не можат да се справат. Тие сите ги напуштаат своите домови и се среќаваат во стара куќа каде креираат стратегија за да изградат подобар живот.

 A N A L И Z A    П А R A L И Z A  е втората етапа од приказната, каде тие се соочуваат со темната страна на осамостојувањето, односно фактот дека се оставени сами на себе и дека мора да се борат.  Приказната е фантазмагорична, а облеката е во пост-апокалиптичен, индустриски стил. Самиот факт што е изработена од текстилен отпад додава на ефектот на бунтовност кон одредени морали на општеството; во случајот најмногу кон негрижата за природата и тортурата врз невини луѓе – објаснува Димитровска.

На овој начин, ТМФ и неговите студенти по дизајн и инеженеринг на облека го свртеа вниманието кон една мошне важна, но не доволно распространета тема кај нас, за текстилниот отпад и рециклирањето, со цел дека ваквото презентирање на темата и дискусија за истото ќе побуди интерес кај пошироката публика, а за една многу поголема цел, која нè засега сите што живееме на оваа планета.

Третата модна вечер продолжи со заедничката ревија на босанскиот дизајнер Марко Фехер, кој живее и работи во Лондон и српскиот дизајнер Милан Зејак.

Фехер, кој завршил моден дизајн на престижниот „Сент Мартин“, ја претстави колекцијата „Kozara Etno Fusion“. Целта е да се претстави урбаната страна на етно мотивите, кои пак се честа модна инспирација. Токму затоа и луѓето мислат дека малку се досадни, бидејќи речиси секогаш се презентираат на ист или сличен начин. Марко, се обиде да го смени тоа. Неговата порака е дека не треба да се срамиме од традицијата, напротив, дека треба да се гордееме и да ја приближиме кон младите генерации на еден пособремен начин. Во склад со креациите, беше и музиката, со што се создаде комплетна модна приказна.

Дел од парчињата се изработени од материјали со современа верзија на етно принт, карактеристичен токму за Козарскиот предел, во додатоците за глава исто така може да се препознаат етно елемнти, како и во ремените и маските за глава, направени од волнен конец.

 

Дизајнерот од Белград, Милан Зејак пак, претстави модерна колекција за есен-зима 2019 година, каде доминираа парчиња со асиметрични и структурални форми. Всушност, конкретно, неговиот фокус на интерес се форми и како тие може да ги сменат заоблените кроеви во класичните елементи на шиењето. Резултот се волуменозни, драпирани и повремено лелеави современи парчиња, со реминисценција на традиционалната јапонска облека, како и западната „флапер“ ера во 20-тите години на минатиот век.

Линиите се прецизни и јасни. Едноставноста која е во преден план дозволува сложеноста која се содржи во кроењето да дојде до израз повеќе. Елеганцијата е присутна, храброста во изразот исто така. Дел од креациите се совршено надополнети со едноставни, но мошне впечатливи ѓердани, со што Зејак ја заокружил неговата модна приказна.

 

Крајот на третиот ден, а воедно и на ова пролетно издание на Моден викенд Скопје, беше резервиран за ревијата на Сара Реџиќ. Дизајнерката која стана препознатлива по имплементирање на гоблени и други везени детали во своите креации и овој пат остана доследна на својата естетика, но приспособени за пролетната сезона, а обединети под името „Pure Love“.

Креациите беа лелеави, весели и женствени, а изработени од природни бои. Доминираа широките силуети со карнери, а посебно би ги издвоиле мантилите кои беа создадени од пачворк техника. Мантилот со поп-арт пачворк, но и оние со принт на дрво, односно пердуви се парчиња што можат да се вклопат и во урбани комбинации.

Целта на ваквиот избор на ткаенини, кроеви и презентација е да се обои пролетта со љубов и разиграни чувства кои и самата пролет ги буди во нас. Колекцијата е надополнета и со мини колекција на рачно изработени чевли во соработка со Катерина Микрут, пријателка и колешка на дизајнерката. 

 

Објавено:
1 април 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
855 пати