Есенското, 12-то издание на Моден викенд Скопје заврши вчера, а на последниот ден се претстави и младата дизајнерка Кристина Цветковска.

Ова е нејзино прво претставување на овој моден настан, а пред публиката ја презентираше колекцијата насловена како Night in red silk (Вечер во црвена свила), за актуелната сезона, есен-зима 2015/16.

Инспирацијата е вечната тема – љубовта:

- Темата е секогаш љубовта, љубовта кон тоа што го работиме. Инспирацијата секогаш може да ја црпиме од сето тоа што нè опкружува. Оваа колекција е изработена од природна свила во комбинација со сатен штоф и монистра. Играта помеѓу материјалите и темата ја прават оваа колекција единствена и погодна за носење во сите пригоди – објаснува Цветковска.

Таа додава дека посебно ѝ било важно да употреби материјали што ќе бидат пријатни за кожата, кои ги украсува со рачно везење на монистрата.

-Додека ја создавав колекцијата целта ми беше да биде нослива за женската популација од 17 до 70 год - за деловните жени, за девојките што ја сакаат елеганцијата и уникатноста – вели дизајнерка.

Цветковска додава дека би сакала колекцијата успешно да се промовира првин во Македонија, а секоја промоција и надвор е добредојдена.

-Ова е мојата прва колекција. Отсекогаш сакав да бидам дел од настан како што е Моден викенд, затоа и одлучив својата љубов и креативност кон модата да ја претставам на овој начин – ни изјави Кристина. 

Објавено:
26 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
771 пати