LFW: Лондон обвиткан во магија и фантазија

23 февруари 2015

Викендов , агендата на Лондонската модна недела беше исполнета со фасцинантни дизајнерски имиња кои прикажаа различна перспектива на модната слика следната сезона, есен-зима 2015.

Кога Вивијан Вествуд и Гарет Пју се на распоредот, тогаш ексцентричноста и драмата на модната писта не изостануваат. Магичен допир на модната недела во Лондон и’ даде и иновативната дизајнерка Мери Катранцу, a Topshop Unique успеа да ја извлече луксузната нишка од секојдневната облека.  Дизајнерите не ја штеделе фантазијата, па балансирале помеѓу бесконечниот дизајнерски креативен простор и прагматичноста.

 

Симон  Роша

Помалку мрачна, помалку наивна и романтична, колекцијата на Симон Роша беше визуелизирана поезија. Дизајнерката ја напуштила комфорната зона на обожаваните мејнстрим трендови, и барала креативен спој помеѓу историјата и својот дизајнерски потпис. Многу карнери, пуфкасти ракави, спој на тул, тантела, твид и таписерија преку тоналитет од црна, бела, розова и црвена боја. Флоралните мотиви беа присутни и преку принтовите и преку формите. Романтичен шарм се провлекуваше низ целата колекција.

 

Гарет Пју

Ексцентричниот британски дизајнер, Гарет Пју е познат како провокатор што креира ексцентрична модна драма. Овој пат од Париз, тој се врати на своите почетоци – во Лондон каде ја стартуваше својата кариера. Драмата во новата колекција беше неизбежна. Црвените крстови на белата основа на лицата на манекенките го симболизираа St.George, познат како светец-борец во времето на Крстоносните војни. Така ја означи својата армија од жени-борци кои од глава до пети облечени во црно, во волуменизирани форми, и комбинација на кожа, крзно, метални детали, се вратија повторно на својата територија.

 

Topshop Unique

Визијата за тоа што би носела жената во нејзиниот свет на фантазијата, ја имаше Topshop Unique.

Брендот успеа да ја извлече луксузната нишка од секојдневната облека. Миксот на теми, декади, стилови и материјали е присутен низ целата колекција. Плетени ролки наметнати со крзнен шал, панталони и здолништа со висок сјај, црно кадифе и мини здолништа и флорални везови. Помеѓу различните декади споени во дизајнот, најприсутен беше сензибилитетот на вибрирачките 80-ти години.

 

Вивијaн Вествуд Red Label

Дизајнерката која е најангажираната политичка активистка помеѓу своите колеги, на свој терен остана доследна на нејзиниот препознатлив  креаторски сензибилитет. Вивијан Вествуд на писта ни донесе богат колорит, игра со кроеви, ноншалантен спој на форми и материјали и секако, она што повторно е типично за неа, драматична шминка. Од животиски принтови, преку пруги, па се до омилениот кариран дезен,  кралицата на панкот успешно се олицетвори себе си преку парчиња облека. И оваа колекција им ја посвети на жените кои се слични на неа: тие ја сакаат природата, ги знаат имињата на дрвјата, читаат книги и се вљубени во уметноста. Критичарите ја оценија оваа колекција како една од најдобрите на креаторката во изминатиов период.

 

Мери Катранцу

Брилијантниот креативен ум на дизајнерката Мери Катранцу ни ја покажа магичната форма на реалноста преку својата колекција за сезоната есен-зима 2015. Се започна од меката, пенеста модна писта во ситна, бодликава  форма по која се движеа не помалку магичните модели.  Истите форми од пистата беа пресликани и преку различни сегменти во самата колекција, што создаваше една совршена целина помеѓу сценографијата и моделите кои иако делуваа утопистички, совршено ќе го најдат своето место во плакарот на ексцентричните девојки. Богат колорит, флорални мотиви и дезени и тридимензионални пластични форми,  споени во геометриски ремек дела кои ја докажаа иновативноста на дизајнерката.

 

 

 

Објавено:
23 февруари 2015
Категорија: 
Колекции