Тринаесеттото издание на Моден викенд Скопје заврши со ревијата на дизајнерката Лидија Георгиева.

Колекцијата со која се претстави носи наслов „Црешов цвет“ (The Cherry Blossom Collection), каде доминираат пролетни мотиви и атмосфера. Во духот на светските трендови и дизајнери, и нашата дизајнерка не ѝ одолеа на естетиката на 1970-тите. Хипи моментите беа претставени преку шаренилото, силуетите и креативната слобода, особено видлива во комбинирањето на материјалите и техниките.

Оние што ја познаваат работата и естетиката на дизајнерката, знаат дека во своите креации секогаш имплементира рачна изработка, што и овој пат беше случај. Парчињата беа украсени со везени и плетени детали, нејзиниот познат принт, како и нови техники на рачна изработка.

Мултимедијалноста е уште една нејзина препознатливост при презентирањето на колекциите, па очекувањата на публиката и овој пат се исполнија. Со членови од „Скопје танцов театар“ со Рисима Рисимкин и музиката на диџеј Еготрип, Лидија ги обедини сите елементи за оваа модна приказна да биде комплетна.

Покрај тоа, го вклучи и факторот на изненадување, кога на пистата во нејзини креации се појавија и неколку познати дами од јавниот живот во Македонија, меѓу кои и амбасадорката на Франција во Македонија, Лоранс Оер, Марта Наумова, актерката Сања Арсовска... 

Објавено:
4 април 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
770 пати