„Лудус“ ја претстави новата колекција преку виртуелен шоурум

12 април 2021

Лудус“ ја промовираше последната колекција за есен/зима 2021/22 година насловена „Пост-родовост Поглавје IV“ со дигитална кампања и виртуелен шоурум. Новиот начин на претставување е во чекор со условите диктирани од пандемијата и технолошките достигнувања и предности на ВР технологијата.

Виртуелниот шоурум овозможува директна прошетка и набљудување одблиску на моделите што ја сочинуват колекцијата.

„Проектот беше направен со љубезно отстапување на денсинг салата од Младинскиот Културен Центар во Скопје, каде минатиот месец беше скенирана колекцијата поставена на 16 модели, од кои дел беа  поддржувачи и пријатели на брендот, а дел нови лица од агенцијата Моделс Ин. Колекцијата е четврт дел од низата колекции насловени како „Пост-родовост“ и ја застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родот и родовите улоги. Истовремено таа е формално истражување на родовата неутралност преку модниот јазик и концептно продлабочување на естетиката на брендот започната пред неколку сезони“, вели дизајнерот Драган Христов.

Во колекцијата застапени се рачно и природно обоени текстилни парчиња, како и ботанички обоена волница од која се направени рачно плетени џемпери/фустани со издолжени пропорции. Токму џемперите се досега најодржливиот и најеколошкиот производ на „Лудус“ поради тоа што 100% природната сурова волна е набавена од локални производители во близина на Велес.

„Плетењето е направено од долгогодишната соработничка на брендот Верица Трифунова. Така е постигнат производ што не само што вклучува употреба и ревитализација на занаети и природни суровини што полека замираат, туку и нивното боење е целосно еколошко без никакви токсични материи што би влијаеле на животната средина или директно на кожата на потрошувачите. Истотака направени се и кожени чевли во соработка со локален занаетчија, кои ја придружуваат колекцијата.Парчињата се целосно рачно направени со што е овозможена нивна долготрајност; така брендот се спротивставува на „брзата мода" и прекумерното и неодговорно конзумирање на модата и „брзата" модна индустрија“, објаснува дизајнерот.

Вкупно има 16 родово неутрални комбинации на 23 парчиња облека изработени во неутрална палета на бои што вклучува црна, бела и сива боја, како и кафени и вилоетови природни тонови, добиени со рачно боење на волна и волница. Користени се висококвалитетни 100% природни памуци, рунски волни и волници од македонско потекло што може лесно да се рециклираат, а при дизајнирањето користена е техника на кроеви со нула отпад. 


Објавено:
12 април 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
74 пати