Луј Витон ги крши стереотипите за женственоста преку предимензионирани модни детали

5 октомври 2022

За овогодинешната модна недела во Париз, модниот дизајнер Николас Гескиер на престижниот бренд Луј Витон се врати во Cour Carrée каде ја претстави својата колекција за прилет 2023.

Модната писта за оваа ревија беше засебно ремек дело - резултат на соработката помеѓу францускиот уметник Филип Парено и холивудскиот продукциски дизајнер Џејмс Чинлунд (познат по својата работа на филмскиот гигант „Бетмен") кои создадоа сет и инсталација во форма на лотусов цвет низ кој се движеа моделите.

Масивната скулптурална цветна градба всушност преставуваше наговестување дека и одредени парчиња од колекцијата ќе го следат истиот пример.

Фото: Vogue

Во тој контекст, препознатливиот Луј Витон привезок за клучеви, ознаките на куфеите кои го носат логото на брендот, паричниците, па дури и деталите на самата облека, вклучително патентите, синџирите, ремените и копчињата беа предимензионирани. Според дизајнерот, одлуката да ги „зумира" овие делови од облеката е всушност барање начин да се срушат стереотипите за женственоста.

Фото: Vogue

Фото: Vogue

Преку дополнителна и импресивна игра со материјалите и текстурите, Гескиер манипулира со тоа колку реалистично изгледаат неговите креации. Новитет беа чипканите хулахопки, направени на Raschel машина, а потоа обложени со кристали.

Со оваа колекција и колаборација, Гескиер покажува дека овојпат бил одлучен да крши одредени граници и правила, а резултатот од овој храбар потег можете да го забележите во галеријата подолу.

Фото: Vogue

Фото: Vogue

Објавено:
5 октомври 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
284 пати