Луксузот во едноставноста на Диор – Новата колекција инспирирана од Жозефин Бекер, со помалку волумен и повеќе став

24 јануари 2023

Едноставноста е највисоката форма на луксузот.

Многупати сме биле убедени дека е така, а Марија Грација Кјури овој пристап го присвои како основна референца во новата колекција висока мода на Диор.

Инспирацијата потекнува од воодушевувањето на уметничката директорка од еден перформанс во 1951 година во Њујорк, на познатата музичка ѕвезда од тоа време и активистка за човекови права, која ќе стане и симбол на отпорот за време на Втората Светска Војна, Жозефин Бекер.

Фасцинацијата е уште поголема, ако се знае дека и самата Бекер била клиентка на Диор и често ги носела дизајните на француската модна куќа.

Затоа, Кјури ѝ ја посвети колекцијата на оваа маркантна жена чии портрети ја опколија пистата по која парадираа моделите.

Но, Кјури наместо моделите да ги облече во сјајни сценски тоалети, одбра еден можеби многу поефективен израз на ликот и делото на Бекер – прикажувајќи ја во секојдневни ситуации, седната во ресторан, ноншалантно носејќи на себе елегантни костуми.

„Линијата на оваа колекција е повеќе поврзана со 20-те години. Повеќе чистина, помалку волумен, повеќе став", објаснува дизајнерката која очигледно се потрудила овој луксуз да биде лесно нослив.

Познатата силуета од „Новиот изглед" секако е присутна, но без тенденција да доминира и да ја обележи колекцијата.

Фото: Vogue

 

 

 

Објавено:
24 јануари 2023
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
544 пати