Мајкл Корс: Парчиња во кои ќе изгледате и ќе се чувствувате добро!

15 октомври 2020

Мајкл Корс отсекогаш знаел да погоди што жените сакаат да носат. Неговите парчиња се комерцијални, но и софистицирани, безвременски, а сепак тренди. Став, самодоверба и моќта на жената се секогаш неговиот фокус, а токму тоа сака да ѝ го овозможи и преку надворешниот изглед, односно облеката.

Пролетната колекција го нуди токму тоа. Се знае дека тој е еден од најдобрите бизнисмени меѓу дизајнерите, па не случајно ја избира средината на октомври за да ги пласира новите парчиња. Како вели за „Вог“, не сака да го одвлече вниманието од есенските парчиња што веќе треба да се пласираат во продавниците, а воедно сака да го намали времето помеѓу презентацијата и пристигнувањето на облеката од новата колекција во продавниците.

Исто така, посочи дека две колекции годишно се сосема доволно за него сега, за разлика од претходно кога презентираше четири.

Пролетната колекција содржи најчесто монохроматски комбинации. Посебно се впечатливи свилените здолништа во комбинација со џемпери, плетенини, за кои дизајнерот вели дека се рачно изработени, мантили, фустани... Кај мажите е забележителен трендот на одела со долги кошули, со што внесува доза лежерност во строгите линии.

Овој пат, акцентот е ставен на удобноста, а Корс за неговата најнова презентација направена во градината на њујоршкиот ресторан „Проџект“ во близина на Бронкс каде што пораснал дедо му, ќе рече:

„Ги облекуваш парчињата и прават да се чувствуваш добро во своја кожа“.

Ние најдовме минимум десетина комбинации кои би сакале да ги имаме во плакарот, а вие?

 

Објавено:
15 октомври 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.549 пати