Мајкл Корс знае како да им ласка на жените – нова колекција која ги спојува актуелните трендови

15 септември 2022

Американскиот дизајнер Мајкл Корс знае како да им угоди на жените. И со секоја нова колекција одново го покажува тоа. Не беше исклучок ниту последната за сезоната пролет-лето 2023 со која вчера ја затвори модната недела во Њујорк.

Дека е еден од подобрите бизнисмени меѓу дизајнерите, потврдува и фактот што неговиот бренд е еден од најпродаваните. Иако во последната колекција не видовме некоја восхитувачка иновативност, напротив ги препознавме сите актуелни трендови од оваа сезона, сепак Корс знае како тоа добро да го спакува и да го понуди како готов производ на пазарот.

Успеал да направи приказна во која се навраќа на култниот диско подиум на Studio54 и целиот тој ретро фазон и сексапил на диско дивите од 70-те, да го пренесе во светот на модерната жена, независна, самоуверена и женствена.

Меѓу припиените фустани со исечоци, дводелните сетови со краток топ, широки панталони со висок струк и гол стомак и ремените со тока во неправилна форма кои ги популаризираше Ботега Венета, Мајкл Корс направил микс од сетоа она што последниве неколку сезони го полни плакарот на современите жени. Некаде каде што се среќаваат елегантното и секси, таму е природната средина на Корс во која владее самодовербата.

А кога сме кај самодовербата, тој остана доследен на диверзитетот во презентирањето на својата нова линија, прикажувајќи ги моделите на жени со различна градба, што повторно покрај од етички и од бизнис аспект е мудар потег.

Објавено:
15 септември 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
896 пати