Машката колекција на Долче и Габана посветена на Серџо Леоне

18 јануари 2016

Последната машка колекција на славното италијанско дуо Долче и Габана, неодамна прикажана на миланската машка модна недела, е своевиден трибјут на уште еден италијански бренд – култниот режисер Серџо Леоне познат по жанрот т.н шпагети вестерн, a особено по генијалниот „Добриот, грдиот и лошиот".

Иако со оглед на инспирацијата, публиката можеби очекувала на писта да види сицилијански каубои, сепак Долче и Габана прикажаа една посуптилна варијанта на вестерн тематиката, преку рачните везови на каубојските мотиви како кактуси, пиштоли или потковици.

„Оваа колекција е едноставно нашата верзија на шпагети вестерн жанрот, сместен во Сицилија", вели за медиумите Доменико Долче.

Модерниот „каубој" во вестерн филмот на италијанскиот бренд носи качкет наместо шешир, а познатите каубојски чизми се заменети со елегантни чевли, чизми на платформа и  мокасинки со рачни везови. Особено впечатливи се предимензионираните капути и панталони изработени од волна, марамите врзани околу врат се уште една реплика на вестерн филмот, а неизбежните џинс „од глава до пети" аутфити, се навезени со мотиви на ружи.

 

Објавено:
18 јануари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
326 пати