MFW: Кавали, Армани и Пучи оставија свој печат на петтиот ден

22 септември 2014

collageглавна

На петтиот ден од модната недела во Милано (сабота), љубителите на модата имаа можност да проследат ревии од едни од најголемите модни имиња Џорџо Армани и Роберто Кавали. Нив пак ги следеа Ботега Венета и Емилио Пучи, што го направија овој ден еден од највозбудливите.

Ботега Венета

collageбв

Томас Мајер вели дека оваа колекција е посветена на танцот. Шоуто започна со комотна, секојдневна облека, во пастелни нијанси и пријатни материјали. Но, како што шоуто течеше, така се' повеќе можеа да се забележат долги и полни здолништа, фустани со слична силуета и ремен на половината, а токму кај овие модели може да се забележи и најголемото присуство на инспирацијата од балетот и балетската грациозност. Моделите со светкави апликации и везени елементи, потсетуваа на грациозната силуета на Одри Хепберн, а познавачите на модата велат дека во оваа ревија, дизајнерскиот тим на Ботега Венета ја покажал подобрата верзија на 1950-тите.

Џорџо Армани

collageарм

Шоуто го отвори со енигматичен краток филм исполнет со празни плажи, пустина, полузавршени градби и разголена двојка, која води љубов на песокот. Токму боите присутни на филмот ќе бидат презентирани на писта, а со ова Армани уште еднаш покажа дека одлично умее да ги вклипи уметноста и комерцијалноста и тоа не само кога се работи за костимографија. Така, моделите се изработени од шифон и свила, а во нијанси на песок. Леснотијата на материјалите и нијансираноста на моделите особено при движењето потсетуваат на лесен летен ветер. Армани за пролет 2015 не се оддалечи ниту од андрогената елеганција, но и од гламурозноста претставена преку металниот сјај на одредени парчиња како палацо панталоните, долгите здолништа, фустаните... Преку дел од моделите дизајнерот им рече добредојде на 1990-тите.

Роберто Кавали

collageкава

Со белата памучна тантела и џинсот Кавали дефинитивно успеа да го привлече вниманието на модната јавност, а и да создаде една од најомилените колекции од миланската модна недела. Дел од модните познавачи ваквиот потег на Кавали го толкуваат како враќање кон почетоците. Но, од друга страна тој им даде сосема нов контекст и значење. Џинсот беше употребен и во дневна варијанта, но и во моделите завечерна свеченост. Иако многумина ја сметаат памучната тантела за едноставна, дизајнерот покажа дека таа може да изгледа софистицирано, гламурозно и елегантно на вистински начин. Токму со ова беше одбележан вториот дел од ревијата, додека во првиот акцентот беше ставен на креациите од плисе. Долгите фустани, кусите здолништа во комбинација со кус топ и јакна се покажаа како одлични комбинации за идната пролет, особено имајќи предвид дека и ткаенините беа исполнети со мноштво бои. Секако не беше заборавен и препознатливиот животински принт, кој овој пат не доминираше, но беше доволно ефектен во креациите каде што беше вклучен. Такви на пример беа долгите фустани на крајот од ревијата, во кои секоја жена би била забележана.

Антонио Марас

collageам

Антонио Марас за пролет-лето 2015 прикажа уметнички пристап, забележлив особено кај материјалите. Дел од креациите имаа цветни апликации, со што се добиваше и впечаток на 3-д ефект на ткаенини. Во вториот дел од колекцијата можеше да се забележи влијанието на инспирацијата од кинеските ткаенини и модели, па фустаните од свила, најчесто во сина боја, со едноставен крој и апликации беа комплетно во тој дух. Последниот дел од шоуто беше посветен на потемни креации и техниката плисе. Така, здолништата и фустаните оддаваа впечаток на леснотија која секогаш ја поврзуваме со летото, а во комбинација со црни, свечени палта истовремено и елеганција која одлично се вклопи и ја заокружи приказната на Марас.

Емилио Пучи

collageеп

Петер Дандас знае што значи моќен кастинг, па на пистата ја видовме Наоми Кембел, Наташа Поли и Кендал Џенер. А кога ќе се спојат моќни имиња со одлични креации, успехот е загарантиран. Колекцијата на Пучи беше уште една во низата на оние инспирирани од 1970-тите, но секако со свој препознатлив печат. Мноштвото бои, монистри и шари не изостанаа ниту овој пат, а токму таквите материјали ја направија оваа приказна на 1970-тите во 2015 уште поуспешна. Секако најголем впечаток оставија макси фустаните од свила и монистра, но ништо помалку привлечни се и кусите фустани во комбинација со чизми, кај кои сексапилот е можеби е највпечатлив. Присуството на ѕвонарки и реси воопшто не изненадува, како и на широките блузи со ластици и куси шорцеви. Ултра ретро, но истовремено и ултра модерна и современа колекција.

Објавено:
22 септември 2014
Категорија: 
Колекции