MFW: Последниот ден заврши во знакот на формалноста и животинските принтови

25 февруари 2014

Шестиот ден од Миланската модна недела заврши, а  распоредот беше резервиран за реномирани дизајнерски имиња и брендови вклучувајќи ги: Џорџо Армани кој репризно ја презентираше колекцијата  на временски период од еден час, потоа со колекција за есен-зима 2014/15 се претстави  дизајнерското братско дуо Дискверд, Дин и Ден, италијанската дизајнерка Стела Жан и брендот „Heohwan Simulation“ на корејскиот дизајнер  Хуан Хео. Во продолжение погледнете под кои референци се водеа и какви трендови ни пласираат за следната сезона есен-зима.

Дискверд

 Дин и Ден во нивната холивудска приказна од 60-те

Инспирирани од шеесетите години и холивудската ѕвезда Норма Десмонд, брќата Катен на пистата во Милано презентираа колекција која слободно можеме да кажеме дека не изненади во однос на тоа дека бунтовничкиот дизајнерски сензибилитет кој го негуваат, овој пат не беше застапен. Напротив,  тие покажаа една сосема друга дизајнерска визија,  со тоа што претставија свечени тоалети, многу класични парчиња со едноставни рамни кроеви, употреба на животински принт, мини здолништа, кратки и долги панталони, палта со строги кроеви. За сите заедничко беше што беа збогатени со многу аксесоари како алки и ѓердани, кои секогаш се карактеристични за Дискверд. Во однос на материјалите, најзастапен беше сатенот, овчката кожа со аплициран животински принт, кашмир, но и лелеави материјали. Во однос на боите преовладуваа: светлите нијанси како бела и бежова, но не беа исклучени ниту небесно и кобалтно сината, зелената, темно виолетова како и црната боја. Интересен аксесоар беа шапките од главите на манекенките, кои потсетуваат на оние што ги носат британските полицајци, само во посмирена варијанта.

 

Џорџо Армани 

Сива и класична зима

Во духот на есенско зимската сезона, италијанската модна куќа Џорџо Армани, на истоимениот дизајнер, фокусот на својата најнова колекција го стави на класичните формални парчиња во неколку  сиви нијанси. Почетокот од колекцијата беше сочинет од формални  сакоа, панталони,  фустани во должина над колена, широки капути, елеци,  миди здолништа, за потоа на писта да продефилираат свечени светкави свилени тоалети како во сива нијанса, така и во светло жолта, маслинеста, но и такви со графички принови. И во оваа колекција која беше репризно презентирана, не беше исклучен животинскиот принт, кој беше застапен на кратките есенски палта. Иако жената на Армани за зима треба да биде во сиво, таа со уникатен опуштен елегантен дојам се инфилтрира во урбаното општество.

 

Стела Жан

Дебела слоевитост, впечатливи принтови и винтиџ сегменти на модерен начин

34 годишната дизајнерка со италијанско потекло, Стела Жан исто така беше дел од дизајнерите што ја затворија Миланската модна недела. Меѓу дизајнерите и брендовите кои се претставија истиот ден, таа ја имаше најколоритната колекција, инспирирана од  италијанската, јапонската и африканската култура. И самата дизајнерка вели дека сакала да го вметне и хумористичниот пристап, како и мажествениот изглед. Мохер палта ,дебели плетени елеци, молив и абажур здолништа испишани со задебелени букви, како и такви со  контрастни отпечатоци над нив. Овие парчиња кои потсетуваат на винтиџ само преобразени во новото време, не се само за наменетата сезона, туку се и безвременски кои ќе бидат предадени на другите генерации. Затоа,  Стела Жан на миланската модна недела важи за најосвежувачко дизајнерско име. Позитивна соработка за најновата колекција беше и нејзината соработка со  Кристијан Лубутан, кој додаде нова софистицираност и непогрешливост.

 

 

Heohwan Simulation

Андрогеноста во преден план

Корејскиот дизајнер Хуан Хео, кој се претстави под етикетата „Heohwan Simulation“ , на писта го презентираше својот препознатлив дизајнерски пристап кон андрогеноста, острите детали и предимензионираните силуети. Од неговата колекција есен-зима можевме да погледнеме геометриски форми и принтови употребени на панталони, здолништа, мантили и кратки фустани. Предимензионираните форми пак, најмногу беа употребени на огромните мото јакни и сакоа, кои изгледаа буквано како машки модели, кои токму тука укажуваат на андрогеноста.  Во однос на боите преовладуваше црната, но застапени беа и црвената, светло зелена, сива, тегет и бела боја. И во оваа колекција не можевме да не го забележиме и животинскиот принт, кој дискретно е употребен на рамните обувки со врвки, кои исто така потсетуваат на машки модел.

 

Објавено:
25 февруари 2014
Категорија: 
Колекции