MFW: Вториот ден посветен на големите брендови

19 септември 2014

Вториот ден од миланската модна недела помина навистина забележано, особено имајќи ја предвид богатата агенда. Својата замисла за тоа што ќе биде тренд следната сезона - пролет 2015 ја презетираа Фенди, Макс Мара, Just Cavali, Прада, Dsquared², Emporio Armani, Москино.

Во продолжение погледнете го кусиот преглед од нивните модни шоу-а:

Фенди – Нов чекор во естетиката на брендот

Фенди

Италија и Колосеумот беа инспирацијата по која посегнаа Силвија Вентурини Фенди и Карл Лагерфелд за новата пролетна колекција. На пистата за првпат можеше да се забележи џинс, што претставува вистинска револуција за Фенди. Она на што тие сакаа да дадат акцент е младоста и младешкиот изглед, што можеше да се забележи кај речиси сите парчиња од широките панталони, преку „исечените“ јакни до фустаните со пердуви.

Макс Мара – редезајнирање на стилот на Анџелика Хјустон

Max Mara

Аџелика Хјустон се појави во кампања на Макс Мара во 1971, а токму по тој изглед посегна дизајнерскиот тим, секако со измени што ги прават комбинациите привлечни за денешно време. Новитетите се однесуваат на тенката силуета, широки блузи, здолништа со миди должина, чизми со принт и должина до колена, како и шапки. Кога се боите во прашање, големи експерименти нема – монохроматските нијанси, неутралните бои и морнарско сината се најзастапени.

Emporio Armani – Доминација на сината продолжува

Emporio Armani

И овој пат Армани направи одлична комбинација на сините нијанси и оваа боја повторно доминираше, што е случај во неговите колекции во последните неколку декади. Во комбинација со бела и сива, колекцијата доби еден свеж и кежуал изглед. Панталоните над глужд, топовите, комбинезоните ја прават приказната комплетна и посакувана за следната пролет.

Москино: Barbie girl in a Barbie world

Москино

Додека познатиот хит на бендот Aqua од 90-тите, Barbie Girl се слуша во позадина, живи барбики дефилираа по пистата на Москино. Џереми Скот со детска фантазија ги отпакува барбиките спакувани во кутии и ги олицетвори во својата нова колекција за идното лето. Светот на барби се трансформираше во една нова димензија во која возрасните ќе го разбудат детете во себе. И очекувано, преовладува розовата боја во сите нијанси, од пудрести до интензивни и неонски,  комбинирани со сите бои на виножитото. И буквално се визуелизирани сите карактери на барбиките: од онаа која е подготвена за плажа во бикини и со голема торба, до онаа која ја чека коктел вечера во свечен волуменизиран фустан.

Прада: Минато и иднина споени во безвременска класика

Прада

Првото чувство за летната колекција на Прада асоцира на есен: и според изборот на бои и според текстурите и комбинацијата на парчиња. Вообичаената палета со светли бои е заменета со доминантни црна и кафеава, а наместо откриени бедра и гол стомак како што навикнавме да гледаме во летните колекции на другите дизајнери, жената на Прада е облечена до грло, во перфектно скроени капути, палта и фустани. Елегантните силуети со совршено дефинирани линии ги спојуваат минатото и иднината во безвременска класика од која единствено отстапуваат сандалите повторно облечени врз чорапи.

DSquared2: Дупла доза позитивна енергија

Dsquared²

Дизајнерскиот двоец DSquared2 зад кое стојат браќата Дин и Ден, својата летна линија ја предозирал со позитивна енергија помешана со боите на виножитото. Богат колорит разлеан во колор блок варијатни, крупни кружни и пругасти принтови на кратките здолништа, перјестите детали, широките панталони, па дури и поформалните одела. Весела колекција богата со инспиративни споеви на различни парчиња облека носливи во секоја доба од деноноќието.

Just Cavalli: Лесна игра со слободниот бохо дух

Just Cavalli

Бохо вибрации со темпераментна мешавина на бои и принтови е суштибата на летната колекција на Just Cavalli. Слободниот дух на хипи ерата го препознаваме во транспарентниле и лесни парчиња облека, лежерните фустани со различна должина на кои заеднички предзнак им е слободното движење, а крнерите се ноншалантни финеси на кошулите со ѕвонести ракави и асиметричните здолништа. Роберто Кавали јасно ни кажува: уживајте во животот и безценетите моменти кои никогаш нема да се повторат!

Објавено:
19 септември 2014
Категорија: 
Колекции