Модерен принт и лежерни парчиња го одбележаа третиот ден од миланската модна недела

21 септември 2013

Некои од најголемите светски дизајнерски имиња како Армани, Версаче, Трусарди и Блумарин вчера беа домаќини на високата мода во Милано.

Тие прикажаа навистина неверојатно лежерни колекции со модерен принт што ќе биде неизбежен кај трендсетерките следната сезона.

Изборот на Армани за сезоната пролет/лето беше едноставно совршен. На модната писта можеа да се видат лежерни парчиња во неверојатни бои преточени во палта со совршен крој, супер елегантни здолништа, женски костими и шик фустани. Кога станува збор за боите, Армани за својата колекција ги одбра белата, пастелно сината, виолетова, розова и по малку црна.

KOLAZ

Покрај Армани, своја колекција на третиот ден од миланската модна недела прикажа и омилениот меѓу ѕвездите Версаче. Тој прикажа ексклузивна колекција составена од неверојатно софистицирани црни фустани, совршени за црвениот килим. Истите едноставно беа совршени, без ниту една маана. Во колекцијата можеа да се видат и здолништа и фустани со интересни принтови, куси панталони и широки јакни. Она што нам ни остави најголем впечаток се дефинитивно кусите, тесни фустани што едноставно беа неодоливи.

Многумина беа целосно одушевени од колекцијата на Трусарди составена од женски костими во интензивни бои, долги, лесни фустани во комбинација со шик јакни, панталони со совршен крој, како и палта и наметки што го одземаат ѕдивот. Кога станува збор за боите, Трусарди овојпат ги одбра најдобрите: бела, беж, силна црвена, сина и неизбежната црна.

Iceberg приреди едно навистина интересно шоу во кое ги прикажа своите совршено дизајнирани долги и куси панталони, лежерни кошули, блузони со принт и интересни здолништа. Како и кај другите, така и во оваа колекција изобилуваше белата боја, пастелно жолтата, сината и елегантно црната.

Миланската модна недела на својот трет ден ни прикажа една навистина шик димензија на модата исполнета со совршено пастелни и светли бои што дефинитивно ги обожаваме. Најголем впечаток кај многумина, но и кај нас, дефинитивно останаа совршените елегантни фустани до колена, дополнети со ултра шик ланчиња за тело.

Објавено:
21 септември 2013
Категорија: 
Колекции