На третиот ден од модната недела за Висока мода во Париз вниманието го привлекоа секако Шанел и Armani Prive, а ништо помалку посетени и забележани не беа и модните ревии на Улијана Сергеенко и Александре Вотје.
Шанел: Креации во комбинација со бетон
Во бела соба со камин и огледало (комбинација од барок и брутализам), Шанел на чело со Карл Лагерфелд ја претставија haute couture колекцијата за есен-зима 2014/15. Од една страна Шанел остана доследен на себе. И оддалеку ќе забележите за која модна куќа се работи. Но, од друга страна, Лагерфелд успеа и овој пат да ги изненади љубителите на модата и да покаже зошто Шанел е една од водечките куќи во бизнисот.
Имено, дизајнерот инпирацијата за сценографијата ја најде кај уметникот и архитектот Ле Корбузије, а неговата работа во која доминираат бетонски плочи од кои правел модернистички дизајни, го инспирираше да го овој материјал во креациите. Како? Веќе препознатливите костимичиња на Шанел од твид, фустаните со трапез и нежна А-форма беа надополнети со ситни камчиња, налик на монистра изработена токму од бетон.
-Ова е haute couture без делот couture - се пошегува Легерфелд пред почетокот на ревијата. Котур е кроење, но овде се изгледа како да е вајано и лиено, а не шиено.
И навистина, Високата мода овде не беше претставена преку кроевите и спојувањето на истите, туку преку беспрекорната изведба на овие бетонски монистри и везот кој беше во повеќе наврати аплициран. Токму со ова Шанел покажа дека располага со мошне вешт и умешен кадар.
Кога се боите во прашање и на пистата доминираше белата, како и бледо златната, морнарско сината и црната. Дел од моделите беа и со цветен дезен изработен до монистра и материјал, а особен впечаток на сите им остави последната креација, која ја носеше бремена манекенка.
И покрај тешката монистра, на маестрален начин беше претставена леснотијата на креациите, па кога чекорат добивате впечаток како да не носат ништо.
Armani Prive: Шорцевите во центарот на вниманието
Армани овој пат се наврати малку кон 1990-тите и жената што танцува во црвено, па оттаму и диско елементите и доминантоста на оваа боја. Една од највпечатливите ревии на овој бренд беше онаа од 1981 година кога влијанието од Јапонија беше доминантно. Неговото влијание и сега се чувствува, но само во одредени сегментии и тоа преку оргигами формите.
Она што доминира во оваа колекција се шорцевите. Армани сака да им се приближи на младите купувачи, па низ целата колекција се среќава ова парче облека, како и дезенот со точки. Фустани, горни делови од тул со точки се честа појава, како и мрежата која се користи и за додатоците на глава, но и во рамки на креациите. Јакните во А-крој и тесни раменици се исто едно од доминантните парчиња.
Она што е интересно е што Армани „ги залажува“ љубителите на мода, презентирајќи модели што изгледаат дека се направени од крзно и мохер, а всушност тие воопшто не се ни користени. Во првиот случај се работи за органза, а во вториот за еден вид најлон.
Дизајнерот вели дека Високата мода за него отсекогаш било поле каде што може да експериментира, но дека индустрискиот дизајн е она во што е главен, па оттаму не чуди ниту забелешката дека креациите од оваа последна колекција наликуваат како да имаат токму таков, индустриски завршеток. Без оглед на неговите експерименти, оваа колекција на Армани е сосема нослива и практична.
Улијана Сергеенко: Динамична игра со материјали и бои
Динамичната колекција на Улијана Сергеенко, започна со мантил во војнички дух од светкава кожа. Инспирацијата Улијана ја најде во моменталната политичко-воена ситуација во Украина, во комбинација со влијанието на првите 25 години од 20-тиот век.
Но, понатамошниот тек на ревијата не беше така остар, војнички, уште помалку политички. Она што следеше беа модели од сатен и шифон, свила и повторно кожа... Комбинацијата на материјали беше интересна, како и тоа дека Улијана се одлучи во есенско-зимска колекција да презентира и костими за капење... Фустаните исто така беа составен дел од колекцијата, како и здолништа со разни должини. Како што се приближуваше ревијата кон крајот, така парчињата се повеќе наликуваа на Улијана и бајковитоста што сака да ја прикаже. Освен со материјалите, Сергеенко си играше и со боите, што уште повеќе придонесе и ја одржа динамичноста на целото шоу.
Александре Вотје: Висока мода за урбани жени
Самиот Александре Вотје ја најави оваа колекција како шик. И навистина добро ја опиша. Во овие модели ќе се препознаат многу урбани дами. Панталони со висок струк и геометриски дезен, транспарентни кошули, комбинезони, мини здолништа, како и оние со макси должина се нешто што секоја жена речиси би ги посакала со својот гардеробер. И покрај урбаноста, сепак треба да се има предвид дека ова е колекција на Висока мода, па на пример за фустанот со едно рамо се употребени 196.000 камчиња рубин, што се везеле околу 1.850 часа. Кардиганите од бисери и кристали се работени околу 120 часа.
Нема потреба дополнително да се објаснува зошто овие креации се толку вредни иако на прв поглед изгледаат мошне едноставно.