Модните облаци на Микрут се „симнаа“ пред публиката

29 март 2014

Уникатноста и алтернативата, посебно во модата секогаш има поинаков пристап кон публиката на која се обраќа. Токму таква беше и  модната ревија што се случи вчеравечер во градското кафуле Стоби. Како што и претходно ни најави, дизајнерката Катерина Микрут во еден поинаков амбиент ја презентираше својата најнова колекција пролет-лето 2014 инспирирана од градската урбаност и сивилото на маглата и облаците. Водејќи ја инспирацијата по нив, колекцијата го носи насловот „Cloudy city“, а е сочинета од рачно изработени 18 парчиња како: здолништа, панталони,фустани,елеци, маички, како и рачно сликани чорапи и хулахопки. Микрут, на модната сцена е препознатлива по традиционални техники на плетење, а се претставува под етикетата  Mikka Design.

 

-Инспирацијата е многу поврзана со мене, затоа што ја обожавам урбаната средина и облаците. Инспирацијата го донесе и спојот на тежината на урбаната средина со индустријалните елементи со леснотијата, подвижноста и минливоста на облаците. Овој спој го одразуваат креациите во кои претежно долниот дел на облеката (хулахопки, здолништа, панталони, чорапи) на некој начин се илустрација на урбаниот пејсаж додека горните делови (блузи, маички, елеци, фустани, накит) потсетуваат на облаците со сите нивни својства. Во рамките на колекцијата се наоѓаат 18 креации, во кои повеќето парчиња може да функионираат самостојно заедно со другите парчиња во колекцијата како и надвор од неа. Колекцијата е наменета за секојдневието, но со авангардна нота, иако изработена со традиционалните техники на рачно плетење, објаснува дизајнерката.

Рибарскиот и памучниот конец,  се  главните елементи за изработка на парчиња што ќе потсетуваат на облаци. Креации,  кои истовремено се многу нежни, но имаат и  своја силна страна, која пак, ја истакнува индивудуалноста на смелите девојки и жени.

-Експериментирав со плетењето за да ги добијам ефектите што ќе потсетуваат на облаци. Плетев парчиња од најтенкиот рибарски конец, мешав различни нијанси на памучни конци за да постигнам ефект на облачното небо. Од плетењето со рибарскиот конец успеав да добијам „слика“ на облаци со целата нивна нежност и минливост...со многу труд, времето потребно да се сплете едно здолниште од ваков материјал е приближно месец дена. Индустријалниот карактер на урбаната средина е најчесто изразен преку пачворк техники на шиење од разни парчиња материјали, ефектот ме потсетува на структурата на градскиот пејсаж, прозори на згради итн, апликации од сребрена кожа и проѕирен пластичен материјал во геометриските форми. Исто така има рачно сликани парчиња облека што го претставуваат погледот на некој  град, вакви цртежи има неколку – на хулахопки, чорапи, маички, кошули, вели Катерина за Fashionel.

Свесна за помалата целна група на која се обраќа, дизајнерката вели дека сите креации што ги изработува воопшто не се водат по трендовите  и секојдневниот тренди  стил на живот, туку се издвојува на еден урбан начин што е претставник на самоувереноста и храброста да се носи нешто поинакво и алтернативно.

-Колекцијата е наменета за жени сигурни во себе си, жени што сакаат да експериментираат со стилот, за кои облеката е дел од начинот на живеење и секојдневниот предизвик и авантура. Парчињата не се поврзани конкретно со некои трендови. За мене модата не е само свечени парчиња, сакам да ја вметнам во секојдневниот живот на една жена- прошетка низ градот, излегување со куче, во продавница, на кафе, на факултет и работа (додека местото не ограничува со дрес код). Истовремено е наменета за жени што ја ценат рачната изработка и уникати, а моите колекции секогаш се базираат на уникатни парчиња, изјавува дизајнерката.

Во време кога на Скопје многу наскоро треба да му се случи Модниот викенд, Микрут се одлучи за самостојна ревија. Причината за ваквото самостојно претставување пред публиката пред  се се условите и трошоците за учество на единствениот моден настан кој го имаме во градот од таков карактер.

-Лично би сакала да присуствувам на повеќе модни настани исто така и надвор од Скопје. За FWSK не можев да си дозволам оваа сезона, сепак само со продажба на уникатни парчиња тешко е да се создадат услови за да се поркијат трошоците за учество. Планирам да учествувам оваа сезона на модниот викенд во Битола. Ревијата ќе биде самостојна, но тоа е случајност, така испадна, инаку секако сакам да учествувам и во групни ревии, завршува Микрут.

Креациите кои вчера имавме можност премиерно да ги погледнеме, може да ги најдете во  пријатното ателје во старата скопска чаршија кај прочуената плетена бандера.

Објавено:
29 март 2014
Категорија: 
Колекции