Модно - филмски спој од втората станица на FWSK

25 октомври 2014

Втората станица од актуелното патување на Модниот викенд Скопје беше резервирана само за едно модно презентирање. Клубот Станица 26 беше местото каде дизајнерката Александра Митковска која твори под етикетата Vibrazioni ја претстави најновата колекција за сезоната пролет-лето 2014/15, инспирирана од фотографското творештво на филмскиот уметник Милчо Манчевски.

Дизајнерката е позната по неконвенционалните презентации на своите колекции и од сезона во сезона се труди да изненади со поинаква визуелна перцепција во поглед на сценскиот настап и со тоа да излезе од рамките на клишето. Така беше и овој пат, подиумот претставуваше патека што наликуваше на лавиринт. Идејата е креативна, но просторот на кој требаше да се прилагоди не беше целосно функционален, а дрвените квадратни платформи по кои се движеа моделите беа мошне несигурно поставени, со што во секој момент  чекорот беше загрозен и нестабилен.

Модните парчиња и во оваа колекција беа повторно во духот на чистите, строги геометриски форми, преклопени парчиња надополнети со асиметрични кроеви сведени на минимализам  и со висока доза на авангарда. Во поглед на структурата и изгледот констатираме дека парчињата се носливи, со летен сензибилитет и мошне лесно компактни во стилот барем на оние кои сакаат да бидат впечатливи и уникатни без многу додатоци на себе.

Изборот на материјали во дефинирањето на дизајнерската идеја, претежно е сведен на  сатен и свила со перфектни принтови и миксови од фотографското творештво на Манчевски, а од боите преовладуваа окерот, зелената, светло сината, белата и портокаловата.

Благодарение на инвентивноста и креативната фантазија што ја поседува, Митковска успеала да направи одличен спој на уметност и мода со што позитивно ја изненади присутната публика.

Во делот на изборот на аксесоари ќе напоменеме дека специјално во согласност со колекцијата и материјалите, дизајнерката изработила чанти  во облик на геометриски фигури кои комплетно соодветствуваа со моделите. Исто така во првиот круг од претставувањето сите манекенки на себе носеа очила за сонце главно во мачкаст облик, што не беше случај и од кулминацијата на презентацијата. Што се однесува за чевлите тие беа крајно несоодветни. Дел од нив беа салонки со средна висина на потпетица, а дел  со заоблен врв на платформа - несинхронизирани со сензибилитетот на одличната колекција. Во поглед на накитот не можевме да не забележиме дека манекенките ги носеа истите парчиња накит со потписот на „Капка“ што беа презентирани на првиот ден на Модниот викенд Скопје, а ги видовме во колекцијата на Јован Петровски.

Една од манекенките на писта два пати се појави во исто парче,односно блуза во асиметричен предимензиониран крој во црна боја, која во првата визија беше комбинирана со панталони, а во второто претставување со „молив“ здолниште.

Уште еден момент кој ни го привлече вниманието е  асиметрично пресечениот розово-бел фустан, комбиниран со капут од новата колекција, кој  всушност е иентичниот од пред колекцијата пролет - лето 2014 и  веќе ни е познат.

Инаку, за дополнително и звучно да се загрее амбиентот и да биде комплетно синхронизиран со карактерот на моделите, се погрижи Силвија Катаста, позната италијанска музичарка која има остварено соработки со голем број музички италијански ѕвезди, а работела и музика за неколку филмски проекти.

Во поглед на недостаците кои ги има во рамките на Модниот викенд Скопје, дизајнерката смета дека она што фали е продукцискиот сегмент кој треба да биде поквалитетен.

-Сметам дека настанот треба да е продукциски поиздржан. Апсолутно оваа колекција ќе има и други промоции. Сега е претставена само како прототип, колекцијата е во сериско производство,  значи уште ќе се работи и до разработува и ќе може да се купи како и види на местата каде што продавам  од  април 2015 година, завршува дизајнерката која неодамна изјави дека планира линијата Vibrazioni да ја пресели во Њујорк каде и самата планира да живее.

 

 

 

 

 

 

Објавено:
25 октомври 2014
Категорија: 
Колекции